Нов Завет

1 Коринтјаните 15:25-44 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

25. Зашто Христос ќе владее се додека не ги собори и згази сите Свои непријатели.

26. Последниот непријател што ќе биде уништен ќе биде смртта.

27. Кога Светото Писмо вели: „Се ќе покори под Своите стапала,“ јасно е дека тоа не Го вклучува Бога, зашто Бог е Тој што ќе покори се и ќе Му го потчини на Христос.

28. Кога се ќе биде под власта на Божјиот Син, тогаш Самиот Тој ќе Му се потчини на Бог, Кој претходно Нему Му потчини се. Така Бог целосно ќе владее над се.

29. Ако нема воскресение за мртвите, тогаш што сакаат да постигнат луѓето што се крштаваат заради нив? Зошто се крштаваат во името на мртвите, ако нема воскресение на мртвите!?

30. Зошто ние секој миг се изложуваме на опасности?

31. Зошто јас секојдневно се соочувам со смртта? Ви се колнам дека е така, ви се колнам во она со што многу се гордеам пред нашиот Господ Исус Христос, а тоа е што вие станавте христијани.

32. Ако во Ефес се борев со диви ѕверови надевајќи се само на она на што се надеваат обичните луѓе, каква корист ќе имам од тоа? Ако нема воскресение за мртвите, тогаш: „Да јадеме и да пиеме, зашто и онака наскоро ќе умреме!“

33. Не дозволувајте да ве залажат оние што така велат, зашто: „Лошото друштво го уништува добриот карактер!“

34. Вразумете се како што треба, и престанете да грешите! Простете што ќе ви го кажам ова, но треба да се засрамите, што некои од вас се уште не Го познаваат Бога!

35. Некој од вас ќе праша: „Како ќе воскреснат мртвите? Какви тела ќе имаат?“

36. Размислете разумно: кога сеете некое семе, тоа најпрво умира, а потоа од него израснува живо растение.

37. Она што го сеете е голо зрно пченица или нешто друго. Семето изгледа сосема различно од растението што подоцна ќе изникне.

38. На секое посејано семе Бог му дава тело какво што Тој сака. Секое си има свое сопствено тело.

39. А знаеме дека има разлики меѓу телата на луѓето, животните, птиците и рибите.

40. Постојат и небесни и земни тела, но славата на небесните тела е различна од убавината на земните тела.

41. Сјајот на Сонцето се разликува од сјајот на Месечината; поинаков е, пак, сјајот на ѕвездите, а и ѕвездите меѓусебно се разликуваат по својот сјај.

42. Слично ќе биде и со воскресението на мртвите. Се закопува распадливо тело, а ќе воскресне бесмртно тело.

43. Се погребува истоштено, грдо, слабо тело, а ќе воскресне славно и силно тело.

44. Се погребува материјално тело, а ќе воскресне духовно тело. Како што постои материјално тело, така постои и духовно тело.

Прочитајте целосна глава 1 Коринтјаните 15