Нов Завет

1 Јован 3:2-10 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

2. Драги мои, ние веќе сега сме Божји чеда, но не можеме ни да си замислиме што ќе станеме допрва! Сепак знаеме дека кога Христос повторно ќе дојде, ќе станеме слични на Него, бидејќи ќе Го видиме онаков каков што Тој навистина е.

3. Секој што ја положил својата надеж во Него, ќе се чува да остане чист, токму како што и Христос е чист.

4. Секој што прави грев, го прекршува Божјиот Закон, зашто гревот е токму тоа: прекршување на Законот.

5. Како што знаете, Христос токму заради тоа и дојде: да ги отстрани нашите гревови. Во Него грев нема,

6. па затоа секој што е на Негова страна нема да продолжи да греши. Ако човек продолжи да греши, тој ниту Го познава Христос, ниту пак сфаќа Кој е Тој!

7. Чеда Божји, не допуштајте некој да ве заведе! Праведен е оној што постапува праведно, онака како што постапуваше Исус.

8. А оној што продолжува да греши е на страната на Ѓаволот, зашто Ѓаволот греши уште од самиот почеток. Токму затоа и дојде Божјиот Син: да го уништи она што го прави Ѓаволот.

9. Тој што е препородено Божјо чедо нема да продолжи да греши, бидејќи Божјото семе е во него. Тој е препородено Божјо чедо и не може да продолжи да греши.

10. Постои јасна разлика меѓу Божјите чеда и децата на Ѓаволот: секој што не постапува праведно, и што не ги сака другите христијани, не е Божјо чедо.

Прочитајте целосна глава 1 Јован 3