Нов Завет

1 Јован 3:12-24 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

12. Да не бидеме како Каин, кој застана на страната на Злиот и го уби сопствениот брат. Зошто го уби? Бидејќи она што го правеше Каин беше погрешно, а она што го правеше неговиот брат беше правилно.

13. Според тоа, не чудете се, драги христијани, ако луѓето од овој свет ве мразат!

14. Ако ние, христијаните, се сакаме еден со друг, тоа докажува дека сме преминале од смрт во вечен живот. Оној што не ги сака другите христијани, се уште е во стегите на смртта.

15. Секој што мрази некој од христијаните е убиец, а вие знаете дека ниту еден убиец во себе нема вечен живот.

16. Кога Исус го даде сопствениот живот за нас, ние сфативме што значи да се има љубов. Така треба и ние да ги даваме нашите животи за други христијани.

17. Како може некој да тврди дека ја има Божјата љубов, ако има световни богатства и гледа дека некој од христијаните е во материјална невола, а тој не сака да му помогне?

18. Чеда Божји, треба вистински да се сакаме, не само на зборови, туку на дело, со нашите постапки во секојдневниот живот.

19. Така ќе знаеме дека сме на страната на вистината, и ќе ја имаме неопходната увереност кога ќе застанеме пред Бог.

20. Па и кога нашата совест не обвинува, да не забораваме дека Бог е над нашата совест и дека Тој знае се.

21. Драги мои, кога имаме чиста совест можеме да пристапиме пред Бог со увереност.

22. Се што ќе побараме од Него, ќе добиеме, ако се држиме до Неговите заповеди и го правиме она што е во согласност со Неговата волја.

23. А Божјата заповед е да веруваме во Неговиот Син Исус Христос и да се сакаме еден со друг. Така ни заповеда и Исус.

24. Оние што се придржуваат до Божјите заповеди живеат во нераскинливо заедништво со Бог и Тој трајно живее во нив. Како знаеме дека Бог живее во нас? Доказ за тоа е Светиот Дух што ни го даде Христос.

Прочитајте целосна глава 1 Јован 3