Нов Завет

1 Јован 2:13-29 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

13. Ви пишувам вам, родители, бидејќи вие Го знаете Христос, Оној што постои уште од самиот почеток. Ви пишувам вам, млади луѓе, бидејќи ја добивте битката против Злиот.

14. Ви напишав вам, деца, бидејќи вие Го спознавте Таткото. Ви напишав вам, родители, бидејќи вие Го знаете Христос, Оној што постои уште од самиот почеток. Ви напишав вам, млади луѓе, вие сте силни, зашто Божјото Слово живее во вас и вие ја добивте битката против Злиот.

15. Немојте да го сакате овој свет и она што тој ви го нуди, зашто ако го сакате овој свет, во вас нема љубов спрема небесниот Татко.

16. Тоа што го нуди светот: телесните похоти, желбата да се има се што ќе се види, гордоста заради богатството што се поседува - не е од небесниот Татко, туку од овој свет.

17. А овој свет и световните похоти се краткотрајни; само оној што ја исполнува Божјата волја останува вечно.

18. Чеда Божји, се одигрува последниот час! Сте слушнале дека ќе дојде Антихристот, но веќе сега има многу антихристи и по тоа знаеме дека настапува последната епоха.

19. Тие луѓе излегоа од нас, но никогаш не беа навистина дел од нас. Да беа вистински дел од нас, со нас и ќе останеа. Напуштајќи не, тие покажаа дека ниту еден од нив не бил дел од нас.

20. Но вие сте просветлени од Светиот Дух и се ви е јасно.

21. Не ви пишувам како да не ја знаете вистината, туку затоа што ја познавате и знаете дека од вистината не може да произлезе никаква лага.

22. Значи, кој е лажливец? Секој што тврди дека Исус не е Месијата! Тие луѓе се антихристи и не Го прифаќаат ниту небесниот Татко, ниту Синот - Исус.

23. Секој што не го прифаќа Синот покажува дека не го прифаќа ни Таткото. А секој што го признава Синот во исто време Го признава и Таткото.

24. Вие, пак, придржувајте се до тоа што го слушнавте на почетокот. Ако се придржувате до тоа што го чувте на почетокот, ќе бидете во единство со Синот и со Таткото.

25. А Тој ни вети вечен живот.

26. Ова ви го пишувам зашто има луѓе што се обидуваат да ве заведат.

27. Што се однесува до вас, вие сте просветлени од Светиот Дух и, се додека Тој Дух живее во вас, нема потреба никој да ве учи за тоа што е вистина, а што не. Светиот Дух ве учи за се, и се што Тој ве учи е вистина, а не лага. Држете се до Него и до она што Тој ве научи.

28. А сега, чеда Божји, останете во единство со Христос, за да не се посрамиме при Неговото повторно доаѓање, туку да излеземе пред Него со крената глава.

29. Знаете дека Исус е праведен, затоа треба да знаете дека секој што постапува праведно е Божјо чедо.

Прочитајте целосна глава 1 Јован 2