Стар Завет

Нов Завет

Даниел 4:3-22 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

3. Колку се големи Неговите знакови! Колку се силни Неговите чудеса! Неговото Царство - е вечно Царство! Неговата власт е за сите поколенија!

4. Јас, Навуходоносор, живеев мирно во својата куќа и среќно во својот дворец,

5. кога видов сон што ме исплаши. Привидите и виденијата што се мотаа во мојата глава, на моето легло ме возбудија.

6. И наредив: да ми ги повикаат сите гаталци вавилонски за да ми кажат што означува сонот.

7. Тогаш дојдоа јасновидците, маѓепсниците, Халдејците и гледачите и јас им го кажав својот сон, а тие не знаеја да ми го кажат неговото значење.

8. Тогаш пред мене дојде Даниел, кој е наречен Валтазар според името на мојот бог, и во кого живее Духот на Светиот Бог. Јас му го раскажав својот сон:

9. ‘Валтазаре, старешино на гаталците, знам дека во тебе живее Духот на Светиот Бог и дека ниедна тајна не ти е претешка: еве го сонот што го имав: дај ми го неговото значење.

10. Еве го привидот што ми се моташе во главата на постелата: Погледнав, кога ете едно дрво сред земјата многу високо.

11. Дрвото порасте, стана силно, височината му стигна до небото, се гледаше од краиштата на земјата.

12. Неговата круна беше убава, плодовите изобилни; на него имаше храна за сите, во неговата сенка се одмораа полските ѕверови, врз неговите гранки небесните птици, и секое тело се хранеше од него.

13. Јас ги набљудував виденијата што ми се мотаа во главата на мојата постела кога, ете, Стражар, Светец, слегува од небото,

14. вика со силен глас: „Пресечете го дрвото, искастрете му ги гранките, скинете му ги лисјата, расфрлете ги плодовите! Животните нека се разбегаат од под него и птиците од неговите гранки!

15. Во земјата оставете ги пенушките и корењата во железни и бронзени окови, во полската трева! Нека го мие небесната роса, и земната трева нека ја дели со полските ѕверови!

16. Човечкото срце нека му се смени, нека му се даде животинско срце! Седум времиња нека поминат над него!

17. Така пресудија стражарите, така одлучија светите, за да запознае сè живо дека Сèвишниот има власт над човечкото царство, Тој го дава кому што сака и го поставува над него најништожниот од луѓето!”

18. Ова е сонот што го видов јас, царот Навуходоносор. А ти, Валтазаре, кажи ми го неговото значење, зашто ниеден од мудреците на моето царство не може да ми го каже тоа; ти можеш, зашто во тебе е Духот на Светиот Бог.’”

19. Тогаш Даниел, наречен Валтазар, во миг се смаја и се исплаши во своите мисли. Царот рече: „Валтазаре, не се збунувај од овој сон и од неговото значење!” Валтазар одговори: „Господару мој, овој сон нека им биде на твоите непријатели, и неговото значење на твоите мразители!

20. Дрвото што си го видел, големо е и силно кое стигнува сè до небото и се гледа по сета земја,

21. со убава круна и со изобилни плодови, на кои имаше храна за сите, и под кое се одморуваа полските ѕверови, а на неговите гранки се гнездеа небесните птици:

22. тоа си ти, о цару, кој си голем и силен, величината ти се зголемила и стигнала до небото, а твојата власт до краиштата на земјата.

Прочитајте целосна глава Даниел 4