Стар Завет

Нов Завет

Даниел 4:1-14 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Навуходоносор, цар на сите племиња, народи и јазици по сета земја: „Да изобилувате со мир!

2. Ми се допадна да ви ги откријам знаците и чудесата што Сèвишниот Бог ги направи врз мене.

3. Колку се големи Неговите знакови! Колку се силни Неговите чудеса! Неговото Царство - е вечно Царство! Неговата власт е за сите поколенија!

4. Јас, Навуходоносор, живеев мирно во својата куќа и среќно во својот дворец,

5. кога видов сон што ме исплаши. Привидите и виденијата што се мотаа во мојата глава, на моето легло ме возбудија.

6. И наредив: да ми ги повикаат сите гаталци вавилонски за да ми кажат што означува сонот.

7. Тогаш дојдоа јасновидците, маѓепсниците, Халдејците и гледачите и јас им го кажав својот сон, а тие не знаеја да ми го кажат неговото значење.

8. Тогаш пред мене дојде Даниел, кој е наречен Валтазар според името на мојот бог, и во кого живее Духот на Светиот Бог. Јас му го раскажав својот сон:

9. ‘Валтазаре, старешино на гаталците, знам дека во тебе живее Духот на Светиот Бог и дека ниедна тајна не ти е претешка: еве го сонот што го имав: дај ми го неговото значење.

10. Еве го привидот што ми се моташе во главата на постелата: Погледнав, кога ете едно дрво сред земјата многу високо.

11. Дрвото порасте, стана силно, височината му стигна до небото, се гледаше од краиштата на земјата.

12. Неговата круна беше убава, плодовите изобилни; на него имаше храна за сите, во неговата сенка се одмораа полските ѕверови, врз неговите гранки небесните птици, и секое тело се хранеше од него.

13. Јас ги набљудував виденијата што ми се мотаа во главата на мојата постела кога, ете, Стражар, Светец, слегува од небото,

14. вика со силен глас: „Пресечете го дрвото, искастрете му ги гранките, скинете му ги лисјата, расфрлете ги плодовите! Животните нека се разбегаат од под него и птиците од неговите гранки!

Прочитајте целосна глава Даниел 4