поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28
  29. 29
  30. 30
  31. 31
  32. 32
  33. 33
  34. 34
  35. 35
  36. 36

Стар Завет

Нов Завет

Броеви (4 Moj.) 31 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Господ му рече на Мојсеја:

2. „Одмазди им се на Мадијанците за Израелевите синови; а потоа ќе им се придружиш на твоите луѓе.”

3. Мојсеј му рече на народот: „Вооружете луѓе од меѓу себе за војна против Мадијанците, за да ја извршат Господовата одмазда врз Мадијанците.

4. Испратете во војна по една илјада од секое Израелево племе!”

5. И така од израелевите семејства - по илјада од племе - собраа дванаесет илјади за војна.

6. Мојсеј ги испрати - по илјада од племе - на војна заедно со Финес, синот на свештеникот Елеазар. Тој ги носеше светите садови и трубите за тревога.

7. Тие завојуваа против Мадијанците, како што Господ му заповеда на Мојсеја, и ги погубија сите машки.

8. Меѓу другите ги погубија и мадијанските цареви: Евиј, Реком, Сур, Ур и Рева - пет мадијански цареви! Со меч го погубија и Валаама, Веоровиот син.

9. Тогаш Израелевите синови ги одведоа во плен: мадијанските жени со нивните деца и сиот нивни добиток, крупниот и ситниот, и го запленија сето нивно богатство.

10. Со оган ги изгореа сите нивни градови во кои живееја и сите нивни населби,

11. а сè нивно зедоа во плен и грабеж: и луѓе и животни.

12. Тогаш, во логорот во Моавските Полиња покрај Јордан, спроти Ерихон, ги доведоа при Мојсеја, при свештеникот Елеазар и при целото Израелско општество: заробените, пленот и ограбеното.

13. Мојсеј, свештеникот Елеазар и сите главатари на заедницата им излегоа во пресрет надвор од логорот.

14. Мојсеј се налути на заповедниците на војската, на илјадниците и на стотниците, кои се вратија од воениот поход.

15. Им рече: „Што! Вие ги оставивте живи сите женски!

16. А токму жените, по Валаамовото наговарање, ги заведоа Израелевите синови да истапат против Господа во Фегоровиот случај. Така дојде помор во Господовото општество.

17. Затоа убијте ги сите машки деца! А убијте ја и секоја жена, која запознала маж!

18. А оставете ги живи за себе сите девојки, кои не запознале машко.

19. Вие пак останете надвор од логорот седум дена; сите вие кои убивте некого и кои се допревте до убиен. Очистете се и вие и вашите заробеници во третиот и во седмиот ден;

20. очистете ги: сета облека, сите кожени работи - сè што е направено од козина и сите дрвени предмети.”

21. Потоа свештеникот Елеазар им проговори на борците, кои се вратија од војна: „Ова е законска повелба што му ја даде Господ на Мојсеја:

22. Златото, среброто, бронзата, железото, оловото и калајот,

23. сè што поднесува оган - поминете го низ оган, и ќе биде очистено. Сепак, нека биде очистено и со водата за очистување. А сè што не поднесува оган поминете го низ вода.

24. На седмиот ден исперете ја вашата облека, и ќе бидете чисти. Потоа можете да се вратите во логорот.”

25. Господ му рече на Мојсеја:

26. „Ти, свештеникот Елеазар и главните старешини на општеството направете попис на воениот плен, на луѓето и на добитокот,

27. а тогаш поделете го воениот плен на половина: за војниците кои одеа во војна и за сета друга заедница.

28. А од војниците, кои одеа во војна, задржи данок за Господа: по една глава на пет стотини од луѓето, од крупниот добиток, од ослињата и од ситниот добиток.

29. Земи го тоа од нивната половина и дај му го на свештеникот Елеазар како воздигнат принос за Господа.

30. А од половината што ќе им припадне на другите Израелеви синови, земи по една глава од педесет: од луѓето, од крупниот добиток, од ослињата и од ситниот добиток - од сите, па дај им ги на левитите, кои служат во Господовиот Шатор.”

31. Мојсеј и свештеникот Елеазар направија како што му нареди Господ на Мојсеја.

32. Воен плен - освен ограбеното што го зедоа војниците - има - ше: шест стотини седумдесет и пет илјади ситен добиток,

33. седумдесет и две илјади крупен добиток,

34. шеесет и една илјада ослици,

35. а човечки души - жени кои не запознале машко - имаше вкупно триесет и две илјади.

36. Според тоа, половината, што им беше доделена на оние, кои одеа во војна, беше: три стотини триесет и седум илјади и пет стотини грла ситен добиток;

37. данок за Господа од ситниот добиток: шест стотини седумдесет и пет грла;

38. крупен добиток имаше: триесет и шест илјади, а нивниот данок за Господа: седумдесет и две грла;

39. ослиња: триесет илјади и пет стотини, а од нив данок за Господа: шеесет и едно.

40. Човечки души: шеснаесет илјади, а од нив данок за Господа: триесет и две души.

41. Мојсеј му го предаде данокот на свештеникот Елеазар, за воздигнат принос на Господа, како што Господ му заповеда на Мојсеја.

42. А од половината на другите Израелеви синови, која Мојсеј ја оддели од војниците;

43. половината на заедницата изнесуваше: триста триесет и седум илјади и пет стотини ситен добиток,

44. а крупен добиток триесет и шест илјади;

45. ослиња: триесет илјади и пет стотини,

46. а човечки души: шеснаесет илјади.

47. Од половината на Израелевите синови Мојсеј зеде по едно на педесет, и од луѓето и од добитокот, па им ги даде на левитите, кои служеа во Господовиот Шатор, како што Господ му заповеда на Мојсеја.

48. Тогаш воените заповедници, илјадниците и стотниците, му пристапија на Мојсеја,

49. и му рекоа: „Твоите слуги ги преброија војниците, кои беа под наше заповедништво, и ниеден од нас не загина.

50. И ете, ги донесовме нашите дарови за Господа: нараквици, златни нешта, прстења, наушници и огрлици - кој какво што нашол златно нешто - за покривање на гревовите на нашите души пред Господа.”

51. Мојсеј и свештеникот Елеазар го примија од нив златото, сето во направени украси.

52. И сето злато, што илјадниците и стотниците го донесоа за воздигнат принос за Господа, беше: шеснаесет илјади седум стотини и педесет шекели.

53. Војниците грабеа секој за себе.

54. Така Мојсеј и свештеникот Елеазар го зедоа златото од илјадниците и стотниците па го донесоа во Шаторот на средбата, за спомен на Израелевите синови пред Господа.