Стар Завет

Нов Завет

Авдија 1:9-21 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

9. Твоите јунаци, Темане, ќе ги опфати ужас, и последниот ќе биде истребен со колеж од Исавовата Гора.

10. За насилството над својот брат Јаков срам ќе те покрие, и ќе бидеш истребен засекогаш.

11. Во оној ден кога стоеше настрана, додека туѓинците му ја однесуваа војската во ропство, додека странците влегуваа низ неговите порти и фрлаа жрепки за Ерусалим, ти беше како еден од нив.

12. Не требаше да гледаш во денот на брата си, во денот на неговата несреќа. Не ликувај над јудејските синови во денот на нивната пропаст. Не отворај ја гордо својата уста во денот на неволја.

13. Не требаше да влегуваш во портата на Мојот народ во денот на неговата несреќа. Не се насладувај на неговото зло во денот на неговата несреќа. Не испружувај ги рацете на неговиот имот во денот на неговата несреќа.

14. Не требаше да стоиш на раскрсниците за да ги истребиш неговите бегалци. Не ги затворај неговите преживеани во денот на неволја.

15. Зашто близу е Господовиот ден за сите народи. Како што си направил, така ќе ти направат, твоите постапки ќе ти се вратат на твојата глава.

16. Да, како што вие пиевте на светата Ми гора, ќе пијат сите народи непрекратно, ќе пијат и ќе локаат - и ќе бидат како никогаш да не ги било.

17. Но на гората Сион ќе бидат спасените, ќе стане света, и Јакововиот дом повторно ќе го земе во посед своето наследство.

18. Јакововиот дом ќе биде оган, Јосифовиот дом пламен, Исавовиот дом слама. Ќе го потпалат и ќе изгори и од Исавовиот дом не ќе остане никој - зашто Господ го рече тоа.

19. Негевските жители ќе ја наследат Исавовата гора, а рамнините, Филистејската земја; ќе ги наследат Ефремовиот крај и Самарискиот крај, а Венијамин ќе го наследи Галад.

20. И некогаш заточената војска на Израелевите синови ќе го наследи Ханаан сè до Сарепта; ерусалимските заробеници што се во Сефарад ќе ги наследат негевските градови.

21. Избавителите ќе се искачат на гората Сион, за да и судат на Исавовата гора. И тогаш Царството ќе биде на Господа.

Прочитајте целосна глава Авдија 1