Стар Завет

Нов Завет

Лука 18:1-17 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. А им кажа парабола како треба секогаш да се молат и да не се обесхрабруваат.

2. И рече: „Во еден град беше некој судија, кој не се боеше од Бога, и не се грижеше за луѓето.

3. А во истиот град имаше и една вдовица, која доаѓаше при него и му се молеше: ‘Заштити ме од мојот противник!’

4. Тој нејќеше некое време; после си рече во себеси: ‘Иако не се бојам од Бога, ниту се грижам за луѓето;

5. ќе и го дадам правото на оваа вдовица, зашто ми додева, за на крај да не дојде и да ме нападне.’”

6. И Господ рече: „Чујте, што зборува неправедниот судија!”

7. Та Бог ли нема да ги заштити Своите избраници, кои викаат кон Него, дење и ноќе, имајќи трпение со нив?

8. Ви велам, ќе ги одбрани скоро. Но, кога ќе дојде Човечкиот Син, ќе најде ли вера на земјата?”

9. А на некои, кои беа уверени во себе дека се праведни, и ги презираа другите, им ја кажа оваа парабола:

10. ”Два човека влегоа во Храм да се помолат: едниот фарисеј, а другиот цариник.

11. Фарисејот застана и се молеше во себеси вака: ‘Боже! Ти благодарам што не сум како другите луѓе - разбојници, неправедници, прељубници, или како овој цариник;

12. постам двапати во седмицата и давам десеток од сè што придобивам.’

13. А цариникот стоеше далеку и не сакаше ни очите да ги подигне кон небото, туку се удираше по градите и велеше: ‘Боже, биди милостив спрема мене грешникот!’

14. Ви велам, овој се врати дома повеќе оправдан, отколку оној; зашто секој кој се возвишува себеси, ќе биде понижен; а кој се понизува себеси, ќе биде возвишен.”

15. Му донесуваа и мали деца, за да ги допре; а кога учениците го видоа тоа, им забрануваа.

16. Но Исус ги повика и рече: „Оставете ги дечињата да доаѓаат при Мене и не пречете им, зашто на таквите им припаѓа Божјото Царство!

17. Вистина ви велам, кој не го прими Божјото Царство како дете, тој никако нема да влезе во него.”

Прочитајте целосна глава Лука 18