9. Порано и јас верував дека треба со сите свои сили да им се противставам на следбениците на Исус од Назарет.
10. Така и правев. Имав добиено овластување од Првосвештениците, па многу христијани од Ерусалим одведов в затвор. Кога им се судеше и кога беа осудувани на смрт и јас гласав против нив.
11. Ги казнував по сите синагоги и со примена на сила се обидував да ги натерам да Го навредуваат Христос. Толку строг бев против нив, што ги прогонував дури и во далечни градови, надвор од нашата земја!
12. При еден таков потфат тргнав за Дамаск со овластување и задача од Првосвештениците.
13. Додека патував, Ваше Величество, сред бел ден видов светлина посилна од сончевата што блесна во мене и во моите придружници.
14. Сите паднавме наземи! Тогаш јас слушнав глас, кој на еврејски јазик ми рече: ,Савле, Савле, зошто Ме прогонуваш!? Лошо ќе поминеш ако клоцаш против остен!‘
15. ,Кој сте Вие, Господине?‘ - прашав, а Господ ми одговори: ,Јас сум Исус, Оној што Го прогонуваш!
16. Стани, исправи се на нозе! Јас ти се појавив за да те назначам за Свој служител и сведок: да им го кажуваш на луѓето ова што го виде и она што допрва ќе ти го откријам.
17. А јас ќе те заштитувам од твојот народ и од другите народи кај кои те испраќам