1. Господари, правете им на робовите што е праведно и справедливо, знаејќи дека и вие имате Господар на небесата.
2. Бидете постојани во молитвата, бдејте во неа со благодарност!
3. Молете се уште и за нас, за да ни ја отвори Бог вратата на словото и за да ја навестиме тајната на Христа, заради која сум и во окови -
4. и да ја откријам онака, како што треба да зборувам.
5. Постапувајте мудро кон оние, надворешните, ползувајќи го времето.
6. Вашето слово секогаш да е љубезно, зачинето со сол, за да знаете како треба да му одговорите секому.
7. За мене ќе ви рече сè Тихик, возљубен брат и верен слуга и соработник во Господа,
8. кого го испраќам при вас токму затоа, за да научите како сме ние и да ги утеши вашите срца,
9. заедно со верниот и возљубен брат Онисим, кој е од вас. Тие ќе ви соопштат како е тука.
10. Ве поздравува Аристарх, мојот другар во темницата, и Марко, внукот Варнавин, за кого примивте упатства; ако дојде при вас примете го
11. и Исус, наречен Јуст. Од обрезаните овие се единствени, кои ми помагаат за Божјото Царство и кои ми беа утеха.
12. Ве поздравува вашиот сонародник Епафрас, слуга на Христа Исуса, кој секогаш се бори за вас во молитви, за да стоите совршени и наполно уверени во целата Божја волја.
13. Сведочам за него дека има голема ревност за вас, и за оние во Лаодикија, и за оние во Ерапол.
14. Ве поздравува возљубениот лекар Лука, и Димас.