Нов Завет

Римјаните 8:1-19 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

1. И сега нема никакво осудување за оние кои се во Исус Христос и жи­веат не по телото, а по Духот.

2. Зашто законот на Духот, кој дава живот во Христос Исус, ме ослободи од законот на гревот и на смртта.

3. Она, што законот не можеше да го направи, бидејќи беше ослабен поради телото, го изврши Бог, испраќајќи Го Синот Свој во тело, подобно на телото на гревот, и како жртва за гревот, Тој го осуди гревот во телото,

4. за да се исполни заповедта на За­ко­нот во нас, кои живееме не по телото, туку по Духот.

5. Зашто оние кои живеат по тело, копнеат за телесното, а кои живеат по Дух – за духовното.

6. Копнежот на телото е смрт, а коп­не­жот на духот – живот и мир.

7. Зашто копнежот на телото е непријателство против Бога, тој не му се под­редува на законот Божји затоа што не може.

8. А оние, кои живеат по телото, не можат да Му се допаднат на Бога.

9. Вие живеете не по тело, туку по Дух, само тогаш ако Духот Божји жи­вее во вас. Ако, пак, некој нема Дух Христов, тој не е Негов.

10. Ако, пак, Христос е во вас, телото е мртво за грев, а духот живее поради праведноста.

11. Но ако Духот на Оној Кој Го воскресна Исус од мртвите живее во вас, тогаш Оној Кој Го воскресна Христос од мртвите, ќе ги оживотвори и вашите смртни тела преку Својот Дух, Кој живее во вас.

12. И затоа, браќа, ние не сме му должници на телото за да живееме по телото;

13. бидејќи, ако живеете по телото, ќе умрете; но, ако преку Духот ги умртвувате делата на телото, ќе бидете живи.

14. Сите оние што се управуваат по Духот Божји, се синови Божји;

15. зашто вие не примивте дух на ропство, за да бидете во страв, туку Го при­мивте Духот на посинувањето, преку Кого велиме: „Ава, Оче!“

16. Самиот Дух му сведочи на нашиот дух дека ние сме чеда Божји.

17. А ако сме, пак, чеда, ние сме и нас­ледници: наследници на Бога и сонаследници Христови, но само ако со Него страдаме, та со Него и да се прос­лавиме.

18. Зашто мислам дека страдањата на сегашното време не се ништо спрема славата која треба да се открие кон нас.

19. И секое создание со нетрпение го очекува откривањето на синовите Бож­ји,

Прочитајте целосна глава Римјаните 8