поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16

Нов Завет

Римјаните 8 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Ослободување преку Светиот Дух

1. И сега нема никакво осудување за оние кои се во Исус Христос и жи­веат не по телото, а по Духот.

2. Зашто законот на Духот, кој дава живот во Христос Исус, ме ослободи од законот на гревот и на смртта.

3. Она, што законот не можеше да го направи, бидејќи беше ослабен поради телото, го изврши Бог, испраќајќи Го Синот Свој во тело, подобно на телото на гревот, и како жртва за гревот, Тој го осуди гревот во телото,

4. за да се исполни заповедта на За­ко­нот во нас, кои живееме не по телото, туку по Духот.

5. Зашто оние кои живеат по тело, копнеат за телесното, а кои живеат по Дух – за духовното.

6. Копнежот на телото е смрт, а коп­не­жот на духот – живот и мир.

7. Зашто копнежот на телото е непријателство против Бога, тој не му се под­редува на законот Божји затоа што не може.

8. А оние, кои живеат по телото, не можат да Му се допаднат на Бога.

9. Вие живеете не по тело, туку по Дух, само тогаш ако Духот Божји жи­вее во вас. Ако, пак, некој нема Дух Христов, тој не е Негов.

10. Ако, пак, Христос е во вас, телото е мртво за грев, а духот живее поради праведноста.

11. Но ако Духот на Оној Кој Го воскресна Исус од мртвите живее во вас, тогаш Оној Кој Го воскресна Христос од мртвите, ќе ги оживотвори и вашите смртни тела преку Својот Дух, Кој живее во вас.

12. И затоа, браќа, ние не сме му должници на телото за да живееме по телото;

13. бидејќи, ако живеете по телото, ќе умрете; но, ако преку Духот ги умртвувате делата на телото, ќе бидете живи.

14. Сите оние што се управуваат по Духот Божји, се синови Божји;

15. зашто вие не примивте дух на ропство, за да бидете во страв, туку Го при­мивте Духот на посинувањето, преку Кого велиме: „Ава, Оче!“

16. Самиот Дух му сведочи на нашиот дух дека ние сме чеда Божји.

17. А ако сме, пак, чеда, ние сме и нас­ледници: наследници на Бога и сонаследници Христови, но само ако со Него страдаме, та со Него и да се прос­лавиме.

Славата што треба да дојде

18. Зашто мислам дека страдањата на сегашното време не се ништо спрема славата која треба да се открие кон нас.

19. И секое создание со нетрпение го очекува откривањето на синовите Бож­ји,

20. зашто и созданието не ѝ се покори на суетата доброволно, туку по волјата на Оној Кој го покори, а со надеж,

21. дека и самото создание ќе се ослободи од ропството на распадливоста при славното ослободување на чедата Божји.

22. Зашто знаеме дека целото создание заедно со нас стенка како во породилни болки.

23. И не само тоа, туку и ние самите, кои ги имаме првините на Духот, воз­див­нуваме во себе, очекувајќи посинување и откупување на нашето тело.

24. Зашто со таа надеж бевме спасени. А надежта што се гледа не е вистинска надеж. Зашто, кој би се надевал во тоа што го гледа?

25. Кога се надеваме, пак, на она што не го гледаме, со трпение го очекуваме.

26. Исто така и Духот нѐ поткрепува во нашата немоќ; бидејќи ние не знаеме како треба да се молиме. Па сепак, Ду­хот Сам посредува за нас со неис­каж­ли­во воздивнување.

27. А Оној Кој ги истражувал срцата, знае каква е мислата на Духот, бидејќи Тој по волјата на Бога посредува за све­тиите.

28. А знаеме дека на оние што Го љу­бат Бога и се повикани по Негова волја, сѐ им содејствува за добро;

29. зашто оние, кои однапред ги позна, нив и ги предопредели да бидат сообраз­ни со ликот на Неговиот Син, та Тој да биде првороден меѓу многуте браќа.

30. А оние што ги предопредели, тие и ги повика, и кои ги повика, тие и ги оп­равда; кои ги оправда, тие и ги прос­лави.

Величието на Божјата љубов

31. Што да речеме, пак, на ова? Ако е Бог со нас, кој ќе е против нас?

32. Оној, Кој не Го поштеди ни Својот сопствен Син, туку Го предаде за нас сите, зарем нема да ни подари со Него сѐ?

33. Кој ќе ги обвини избраниците Бож­ји? Бог е Тој Кој ги оправдува!

34. Кој е тој што ќе суди? Христос Исус, Кој умре, но уште и воскресна, Кој е од десната страна на Бога и се зас­тапува за нас!

35. Кој ќе нѐ одвои од љубовта кон Христос? Дали неволјата? Или маката? Или прогонот? Или гладот? Или го­ло­тијата? Или погибелта? Или мечот?

36. Како што е напишано: „Заради Те­бе секогаш нѐ убиваат; нѐ сметаат како овци за клање.“

37. Но во сето тоа стануваме повеќе од победници преку Оној Кој нѐ возљуби.

38. Зашто сигурно знам дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни влас­ти­те, ни сегашноста, ни иднината,

39. ни височината, ни длабочината, ниту, пак, кое било друго создание нема да може да нѐ оддели од љубовта Божја во Христос Исус, нашиот Господ.