13. А Бог на надежта нека ве исполни со сета радост и мир во верата, та преку силата на Светиот Дух вашата надеж да се преумножува.
14. И јас сум уверен за вас, браќа мои, дека и вие сте полни со добрина, исполнети со секакво знаење и дека можете да се поучувате еден со друг.
15. Но ви пишав, браќа, нешто малку послободно, за да ве потсетам со благодатта што Бог ми ја даде,
16. за да Му бидам служител на Исус Христос меѓу незнабошците и свештенодејствено да го извршувам Божјото Евангелие, за да бидат незнабошците благопријатен принос, осветен од Светиот Дух.
17. И така, со тоа можам да се пофалам во Исус Христос кај Бога,
18. зашто не се осмелувам да говорам за она што Христос не го извршил преку Мене со зборови и дела,
19. со силата на знаци и чуда, со силата на Божјиот Дух, која ги води незнабошците кон послушност во верата, така што Евангелието Христово го распространува од Ерусалим и неговата околина и сѐ до Илирик.
20. И така, се погрижив да го проповедам Евангелието не таму каде што името Христово беше веќе познато, за да не ѕидам врз туѓ темел.
21. Но, како што е напишано: „Оние, на кои не им е јавено за Него, ќе видат; и оние што не беа чуле, ќе разберат.“
22. Токму тоа многупати ме попречуваше да дојдам кај вас.
23. Сега, пак, бидејќи нема веќе место за мојата работа во овие земји, а уште од пред многу години копнеев да дојдам кај вас,
24. кога ќе тргнам за Шпанија, се надевам дека ќе ве видам на минување и дека натаму вие ќе ме испратите, откако најнапред ќе ви се порадувам.