1. И ми се даде мерна трска слична на жезол, и ми се рече: „Стани и измери го Божјиот храм и жртвеникот и оние што се поклонуваат во него.
2. А дворот пред храмот остави го и не мери го, бидејќи им е даден на незнабошсите: тие ќе го газат светиот град четириесет и два месеци.
3. И ќе им дадам на двајца Мои сведоци, и тоа облечени во вреќи, да пророкуваат илјада двесте и шеесет дена.“
4. Тие се двете маслинови дрвца и двата светилника што стојат пред Господарот на Земјата.
5. И, ако некој сака да им направи неправда, оган ќе излезе од устата нивна и ќе ги проголта нивните непријатели; да, така треба да биде убиен оној што ќе посака тоа да го направи.
6. Тие ќе имаат власт да го затворат небото за да не паѓа дожд во деновите на нивното пророкување, и ќе имаат власт над водите да ги претвораат во крв и да ја поразат земјата со секаква мака, кога ќе посакаат.
7. И кога ќе го завршат сведоштвото, тогаш ѕверот, кој ќе излезе од бездната, ќе им објави војна и ќе ги победи, и ќе ги убие.
8. А труповите нивни ќе ги остави по улиците на големиот град, кој духовно се нарекува Содом и Египет, каде што и нивниот Господ беше распнат.
9. И многу од народите и племињата и јазиците ќе ги гледаат нивните трупови три и пол дена и нема да дозволат нивните трупови да бидат погребани во гробови.