1. По неколку дена, Тој пак дојде во Капернаум; и се чу дека е в куќи.
2. Веднаш се собраа мнозина, така што и пред вратата не можеа да се сместат; а Тој им го објавуваше Словото.
3. И дојдоа кај Него со еден фатен, кого го носеа четворица;
4. па, бидејќи не можеа да пријдат до Него од народот, го открија и го пробија покривот од куќата, каде што беше Тој и ја спуштија постелката, на која лежеше фатениот.
5. А Исус, кога ја виде нивната вера, му рече на фатениот: „Синко, ти се простуваат гревовите твои!“
6. Таму седеа некои од книжниците и си помислија во срцата свои:
7. „Што хули Овој на Бога? Кој може да простува гревови, освен единиот Бог?“
8. Исус, веднаш штом дозна со Својот дух дека тие така мислат во себе, им рече: „Зошто го помислувате тоа во срцата свои?
9. Што е полесно да му кажам на фатениот: ‚ти се простуваат гревовите‘, или да речам: ‚Стани, земи ја постелката своја и оди‘?
10. Но за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да ги простува гревовите“ – му рече на фатениот –
11. „Тебе ти велам: стани, земи ја постелката своја и оди си дома!“
12. И тој стана веднаш, па, штом ја зеде постелката, излезе пред сите – така што сите се восхитуваа и Го славеа Бога, велејќи: „Никогаш вакво нешто не сме виделе!“
13. И излезе Исус пак покрај морето, и сиот народ доаѓаше кај Него, и Тој ги поучуваше.