Нов Завет

Лука 6:23-33 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

23. Зарадувајте се во оној ден и заиграјте, зашто голема е наградата ваша на небото. Зашто и нивните татковци така постапуваа со пророците!

24. Но тешко вам богати, зашто веќе сте ја примиле својата утеха!

25. Тешко вам презаситени сега, зашто ќе огладните! Тешко вам што се смеете сега, зашто ќе заридате и ќе заплачете!

26. Тешко вам кога ќе почнат сите луѓе да зборуваат добро за вас. Зашто и нивните татковци така им правеа на лажните пророци!

27. Но вам, што слушате, вам ви велам: љубете ги непријателите свои; правете им добро на оние што ве мразат;

28. благословувајте ги оние што ве колнат, молете се за оние што ве навредуваат!

29. На оној што ќе те удри по едниот образ, заврти му го и другиот; а на оној што сака да ти ја земе наметката, подај му ја и кошулата.

30. Секому, кој ти бара, подај; од оној што зема од тебе нешто, не сакај да ти врати!

31. Па, како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив!

32. И ако ги љубите оние што вас ве љубат, каква ви е благодарноста? Зашто и грешниците ги љубат оние што нив ги љубат.

33. И ако им правите добро на оние што вам ви прават добро, каква ви е благодарноста? Зашто и грешниците го прават истото.

Прочитајте целосна глава Лука 6