12. А кога беше Исус во еден град, ете човек, сиот лепрозен, штом Го виде Исуса, падна ничкум и молејќи Му се, рече: „Господи, ако сакаш можеш да ме очистиш.“
13. Исус, подавајќи ја раката, го допре и рече: „Сакам, очисти се!“ И веднаш лепрата отиде од него.
14. И Тој му заповеда никому да не кажува, туку: „Оди и покажи му се на свештеникот, и принеси дар за очистувањето твое, како што одредил Мојсеј, ним за сведоштво!“
15. Но уште повеќе се разнесуваше глас за Него и многу народ доаѓаше да Го слуша и да се излекува преку Него од своите болести.
16. А Тој се повлекуваше во пустината и се молеше.
17. Еден ден, додека Тој поучуваше, седеа таму фарисеи и законоучители, кои беа дошле од сите села на Галилеја и Јудеја, и од Ерусалим; а Тој имаше сила Господова да лекува.
18. И, ете, некои донесоа на постела еден човек, што беше фатен, и се обидуваа да го внесат и положат пред Него;
19. па, бидејќи не најдоа од каде да го внесат поради народот, се качија на куќата и преку покривот го спуштија сосе постела, насреде, пред Исус.
20. А Тој, штом ја виде верата нивна, му рече: „Човеку, ти се простуваат гревовите твои!“
21. Тогаш книжниците и фарисеите почнаа да размислуваат во себе и да велат: „Кој е Овој што хули на Бога? Кој може да простува гревови, освен Единиот Бог?“
22. А Исус, кога ги разбра нивните помисли, им одговори и рече: „Што размислувате во срцата свои?