Нов Завет

Лука 12:18-35 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

18. Па рече – вака ќе направам: ќе ги урнам житниците свои и ќе соѕидам поголеми, и таму ќе го соберам сето свое жито и сите свои добра,

19. и ќе ѝ речам на душата своја: ‚Душо, имаш многу добра, насобрани за многу години; почивај, јади, пиј и весели се!‘

20. Но Бог му рече: ‚Безумниче, ноќва ќе ти ја побараат душата твоја; тоа што си го приготвил, чие ќе биде?‘

21. Така се случува со оној што собира богатство за себе, а не се богати во Бога.“

22. И им рече на учениците Свои: „Затоа ви велам: не грижете се за душата своја што ќе јадете, ниту за телото свое што ќе облечете.

23. Зашто душата е многу поскапа од храната, и телото – од облеката.

24. Погледајте ги гавраните! Тие ниту сеат, ниту жнеат! И немаат скривници, ниту житници и Бог ги храни; а колку сте поскапи вие од птиците?

25. А кој од вас, ако се грижи, може да му додаде еден лакт на својот раст?

26. И така, ако ниту најмалото нешто не можете да го направите, зошто се грижите за друго?

27. Погледајте ги криновите како растат! Ниту се трудат, ниту предат; но ви велам дека ниту Соломон, во сета своја слава, не се облече така, како еден од нив.

28. Ако, пак, тревата во полето, која денес ја има, а утре се фрла во оган, Бог така ја облекува, тогаш колку повеќе ќе ве облекува вас, маловерни!

29. Па затоа и вие, не барајте што ќе јадете или што ќе пиете; и не се загрижувајте!

30. Сето тоа го бараат незнабошците на овој свет; а вашиот Отец знае дека тоа ви е потребно.

31. Но барајте го царството Божјо, и сето тоа ќе ви биде придодадено!

32. Не плаши се, мало стадо! Зашто волјата на вашиот Отец е вам да ви го даде царството.

33. Продајте си ги имотите ваши и давајте милостина! Подгответе си ќесиња што нема да изветват, неисцрпна ризница на небото, каде крадец не се приближува и кое молец не го јаде;

34. зашто, каде што е вашата ризница, таму ќе биде и срцето ваше.

35. Нека ви биде половината препашана и светилата – запалени!

Прочитајте целосна глава Лука 12