Нов Завет

Јован 21:6-19 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

6. А Тој им рече: „Фрлете ја мрежата од десната страна на коработ и ќе најдете!“ Ја фрлија, и не можеа веќе да ја извлечат од многу риби.

7. Тогаш ученикот, што го сакаше Исус, му рече на Петар: „Тоа е Господ!“ А Симон Петар, штом чу дека е Господ, си ја препаша облеката – зашто беше необлечен, и се фрли во морето.

8. А другите ученици, влечејќи ја мрежата со риби, дојдоа со кораб, зашто не беа далеку од брегот, но само околу двесте лакти.

9. Кога пак излегоа на брегот, видоа наложен оган, и на него ставена риба и леб.

10. Исус им рече: „Донесете од рибите што ги уловивте сега!“

11. А Симон Петар влезе и ја извлече мрежата на брегот, полна со крупни риби, на број сто педесет и три; и макар што беа толку многу, мрежата не се скина.

12. Исус им рече: „Дојдете, јадете!“ И никој не смееше да Го праша: „Кој си Ти?“, зашто гледаа дека е Господ.

13. Исус пријде, зеде леб и им даде, исто така и риба.

14. Ова беше веќе третпат како им се јави Исус на учениците Свои, откако воскресна од мртвите.

15. А кога завршија со јадењето, Исус му рече на Симон Петар: „Симоне Јонин, Ме љубиш ли повеќе отколку овие?“ Петар Му рече: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те љубам!“ Исус му рече: „Паси ги јагненцата Мои!“

16. Го праша пак, повторно: „Симоне Јонин, Ме љубиш ли?“ Петар Му кажа: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те љубам!“ Исус му рече: „Паси ги овците Мои!“

17. И по третпат му рече: „Симоне Јонин, Ме љубиш ли?“ Петар се нажали дека по третпат го праша: „Ме сакаш ли?“ И Му рече: „Господи, Ти сѐ знаеш; Ти знаеш дека Те љубам.“ Исус му рече: „Паси ги овците Мои!

18. Вистина, вистина ти велам: кога беше помлад, сам се препашуваше и одеше каде што сакаше; кога ќе остариш, ќе ги рашириш рацете свои, и друг ќе те препаша и поведе на каде што нејќеш.“

19. А ова го рече за да покаже со каква смрт ќе го прослави Бог. И штом го кажа тоа, му рече: „Врви по Мене!“

Прочитајте целосна глава Јован 21