11. Браќа, ве известувам дека Евангелието, кое јас Го проповедав, не е од луѓе,
12. зашто јас ниту сум го примил, ниту сум го научил од човек, туку преку откровение на Исус Христос.
13. Сте слушале и за моето некогашно поведение во јудејството, дека прекумерно ја гонев Божјата црква и ја разорував;
14. и дека во јудејството напредував многу повеќе од мнозина мои врсници, бидејќи бев голем ревнител за татковските преданија.
15. Кога Бог, Кој ме избра уште од мајчина утроба и ме повика преку Својата благодат, благоволи
16. во мене да Го открие Својот Син за да благовестувам за Него меѓу незнабошците, – веднаш, не го прашав ни телото, ниту крвта,
17. ниту, пак, отидов во Ерусалим кај оние што станаа апостоли пред мене, туку заминав за Арабија и пак се вратив во Дамаск.
18. А три години подоцна отидов во Ерусалим за да се видам со Кифа, и останав кај него петнаесет дена.
19. А, пак, од апостолите не видов никој друг, освен Јаков, братот Господов.
20. А за она што ви пишувам, еве, пред Бога велам дека не лажам.
21. А потоа дојдов во земјите Сириски и Киликиски.
22. На Христовите цркви во Јудеја лично не им бев познат,
23. туку само беа слушале дека оној, кој некогаш нив ги гонел, сега ја проповеда верата што порано ја разорувал.