Нов Завет

Евреите 10:22-39 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

22. Затоа да пристапиме со искрено срце, во полна вера, откако ќе ги очис­тиме срцата од зла совест со попрскување и откако ќе го измиеме телото со чиста вода.

23. И да го држиме исповеданието на надежта цврсто, зашто верен е Оној Кој се заветувал.

24. И да бидеме внимателни еден кон друг за да се поттикнуваме кон љубов и добри дела,

25. не изостанувајќи од собранијата како што некои имаат обичај, туку да се поучуваме еден друг, и тоа во толку повеќе, до колку гледате дека се приближува судниот ден.

26. Зашто, ако, откако ја познавме вистината, своеволно продолжуваме да грешиме, тогаш нема веќе жртва за гревови,

27. туку страшно очекување на суд и јаростен оган што ќе ги проголта противниците.

28. Ако оној што го прекршил Мој­се­евиот закон, пред двајца или тројца сведоци безмилосно се казнува со смрт,

29. тогаш, колку ли потешка казна, мислите, ќе заслужи оној што Го пога­зил Синот Божји и ја осквернил крвта на заветот преку која е осветен и Го похулил Духот на благодатта?

30. Зашто ние Го знаеме Оној што ре­кол: „Одмаздата е Моја, Јас ќе платам“, вели Господ. И пак: „Господ ќе му суди на Својот народ.“

31. Страшно е да се падне во рацете на живиот Бог!

32. Потсетувајте се на вашите пора­нешни денови кога, откако се просветивте, поднесовте голема борба во стра­дањата,

33. било затоа што бевте изложени на срам и маки, било затоа што станавте соучесници на оние кои исто така стра­даа,

34. зашто и на оковите мои се сожа­лив­те и со радост дозволивте вашиот имот да се разграби, знаејќи дека на небесата имате подобар и траен имот.

35. И така, не напуштајте ја вашата слобода; таа ви носи голема награда.

36. Најнапред ви е потребно трпение, па, откако ќе ја исполните волјата Бож­ја, да го добиете ветеното;

37. зашто уште малку, сосем малку и „Оној што иде, ќе дојде и нема да задоцни.

38. А праведниот преку верата ќе биде жив; Јас не се радувам за ниеден кој отстапува.“

39. Ние, пак, не сме од оние што от­ста­пуваат и гинат, туку од оние кои веруваат и се спасуваат.

Прочитајте целосна глава Евреите 10