16. А доаѓаа во Ерусалим и многумина од околните градови, донесувајќи болни, мачени од нечисти духови, и сите се исцелуваа.
17. Тогаш првосвештеникот и сите што беа со него, приврзаници на садукеите, станаа и се исполнија со завист,
18. и ги кренаа рацете свои на апостолите и ги ставија во јавниот затвор.
19. Но преку ноќта ангел Господов ја отвори вратата од затворот, и, откако ги изнесе, им рече:
20. „Одете, застанете во храмот и кажувајте му ги на народот сите зборови за овој живот!“
21. Штом го слушнаа тоа, апостолите влегоа утрината во храмот и почнаа да поучуваат. А првосвештеникот и неговите приврзаници кога дојдоа, го свикаа Синедрионот и сите старешини меѓу Израилевите синови и пратија во затворот луѓе да ги доведат апостолите.
22. Но кога слугите отидоа, не ги најдоа, па, штом се вратија, изјавија,
23. велејќи: „Затворот го најдовме заклучен како што треба и стражата стоеше надвор пред портата. А кога отворивме, внатре никого не најдовме.“
24. Штом ги слушнаа овие зборови, храмскиот заповедник и првосвештениците збунети размислуваа што би требало да значи тоа.
25. Но некој дојде, ги извести и им рече: „Ене, луѓето што ги затворивте, стојат во храмот и го поучуваат народот.“
26. Тогаш храмскиот заповедник отиде заедно со слугите и ги доведе, но не на сила; зашто се плашеа од народот со камења да не ги убијат нив самите.
27. А кога ги доведоа, ги изведоа пред Синедрионот и првосвештеникот, прашувајќи ги, рече:
28. „Зарем не ви забранивме строго да не поучувате во тоа име? А вие пак го исполнивте Ерусалим со вашето учење и сакате крвта на Оној човек да ја фрлите на нас.“
29. А Петар и апостолите одговорија и рекоа: „Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога отколку на луѓето.
30. Бог на татковците наши Го воскресна Исуса, Кого вие Го погубивте, приковувајќи Го на крст.
31. Бог со десницата Своја Го возвиси Него, Зачетникот и Спасителот, за да му даде покајание и простување на гревовите на Израил.
32. За тие зборови сведоци Негови сме ние и Светиот Дух, Кого Бог им Го даде на оние што Му се покоруваат.“
33. Кога го слушнаа тоа, тие се разлутија и мислеа да ги убијат.