9. И сиот народ го гледаше како оди и како Го слави Бога.
10. Луѓето го познаа дека тој беше оној истиот што седеше пред портата на храмот наречена Красна, поради милостина; и беа полни со восхит и вчудоневиденост за она што се случи.
11. И бидејќи оздравениот сакат човек цврсто се држеше за Петар и Јован, кон нив дотрча вчудовиден сиот народ во тремот, наречен Соломонов.
12. А Петар, штом го виде тоа, му рече на народот: „Луѓе Израилци, што се чудите на ова, и што сте се загледале во нас, како со своја сила или побожност да направивме овој да прооди?
13. Бог Авраамов, Исаков и Јаковов, Бог на татковците наши Го прослави својот Син Исус, Кого вие Го предадовте и од Кого се одрековте пред лицето на Пилат, кога тој реши да Го пушти.
14. Но вие се одрековте од Светиот и Праведниот и побаравте да ви се ослободи човек убиец,
15. а Го убивте Зачетникот на животот, Кого Бог Го воскресна од мртвите; за тоа сме ние сведоци.
16. И поради верата во Неговото име, овој, кого вие го гледате и познавате, го потврди името Негово; а верата во Него го исцели и овој човек пред сите вас.
17. А сега, браќа, знам дека вие тоа го направивте од незнаење како и вашите началници.
18. А Бог, она што однапред го навести преку устата на сите пророци Свои, односно дека Христос ќе пострада, тоа и го исполни.