1. И така, те заколнувам пред Бога и нашиот Господ Исус Христос, Кој ќе им суди на живите и мртвите, кога ќе дојде Тој и Неговото царство:
2. проповедај го словото, настојувај во погодно време и во невреме, укорувај, забранувај, советувај со голема долготрпеливост и поука.
3. Зашто ќе дојде време кога луѓето нема да го слушаат здравото учење, но, водени по своите похоти, ќе си изберат учители да им го залажат слухот;
4. тие ќе го одвратат слухот свој од вистината и ќе се свртат кон бајки.
5. Но ти во сѐ биди трезвен, претрпи зло, направи дело достојно на благовестител, службата своја исполнувај ја добро!
6. Зашто јас веќе се изливам како жртва леаница, а времето за моето заминување настапи.
7. Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив.
8. Понатаму ме очекува венецот на правдата, што ќе ми го даде во оној ден Господ, праведниот Судија; но не само мене, туку и на сите кои се радуваат на Неговото појавување.
9. Погрижи се да дојдеш кај мене скоро!
10. Зашто Димас ме остави, бидејќи го засака сегашниот свет, и отиде во Солун; Крискент – во Галатија, Тит – во Далмација. Само Лука е со мене.