1. Ова е третпат како доаѓам кај вас: „Од устата на двајца или тројца сведоци ќе се потврди секој збор.“
2. Како што ве предупредив, кога бев по вторпат кај вас, така и сега, кога не сум меѓу вас, ги предупредувам оние кои однапред погрешија и сите други, дека ако дојдам пак, нема да поштедувам;
3. вие барате доказ дека зборува Христос во мене, Кој спрема вас не е немоќен, туку е силен меѓу вас.
4. Зашто, иако беше во немоќ распнат, Тој е жив по моќта Божја; бидејќи сме и ние слаби во Него, но ќе бидеме живи со Него, преку силата Божја меѓу вас.
5. Испитувајте се сами себе дали сте во верата! Сами проверувајте се! Или не сте свесни дека Исус Христос е во вас? Освен, само ако сте недостојни.
6. А за нас, се надеваме дека ќе разберете дека ние не сме недостојни.
7. Му се молиме на Бога да не правите никакво зло; не да се покажеме ние како достојни, туку вие да вршите добро, па макар ние како недостојни да останеме.
8. Зашто ние сме силни не против вистината, туку за вистината.
9. Се радуваме кога ние слабееме, а вие јакнете. А за тоа и Му се молиме на Бога за вашето усовршување.
10. Овие работи ви ги пишувам додека сум далеку од вас; па, кога ќе дојдам кај вас, да не употребам строгост според власта која ми ја даде Господ за надградување, а не за рушење.
11. И така, браќа, радувајте се, усовршувајте се, утешувајте се, бидете едномислени, живејте во мир, – и Бог на љубовта и на мирот ќе биде со вас.
12. Поздравете се еден со друг преку свет целив. Ве поздравуваат сите светии.
13. Благодатта на нашиот Господ Исус Христос и љубовта на Бога и Отецот и заедништвото на Светиот Дух нека бидат со сите вас. Амин!
Прочитајте целосна глава 2 Коринтјаните 13