Нов Завет

1 Коринтјаните 14:4-22 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

4. Кој зборува на друг јазик, тој се надградува сам себе; а кој пророкува, тој ја надградува Црквата.

5. Но јас би сакал сите вие да зборувате на други јазици, а уште повеќе да пророкувате: зашто, кој пророкува, е поголем од оној, кој зборува јазици – ос­вен ако и ги толкува, за да се надградува Црквата.

6. Сега, ако дојдам кај вас, браќа, и ви зборувам на други јазици, каква полза ќе имате од мене, ако не ви соопштувам или со откровение, или со знаење, или со пророштво, или со поука?

7. И бездушните предмети, како кавалот или гуслата, што даваат глас, ако не даваат разни гласови, како ќе се разбере што свири кавалот или гуслата?

8. Зашто, ако трубата не дава разбирлив глас, тогаш кој ќе се готви за бит­ка?

9. Така и вие, ако со јазикот свој не из­говарате разбирливи зборови, како ќе се разбере она што го зборувате? Ќе бидете како оние кои говорат во ветер.

10. Во светот има којзнае колку разни гласови, и ниеден од нив не е без зна­че­ње.

11. Ако, пак, не го разбирам значењето на тие гласови, тогаш за оној што збо­рува ќе бидам туѓинец, а и тој за мене туѓинец.

12. Така и вие, бидејќи сте ревнители за духовни дарови, грижете се да ги до­биете во изобилство, за надградување на Црквата.

13. Затоа, оној што зборува на друг ја­зик, нека се моли за дар да може да го толкува.

14. Зашто, ако се молам на друг јазик, се моли мојот дух; умот, пак, мој ос­та­нува бесплоден.

15. Па што да се прави? Ќе Му се мо­лам со дух, ќе се молам и со ум; ќе Го воспевам Бога со дух, ќе Му пеам со ум.

16. Зашто, ако благословуваш со дух, како ќе рече „амин!“ на твоето благода­рење простиот човек, кога не разбира што велиш?

17. Ти благодариш убаво, но другиот не се надградува.

18. Му благодарам на Мојот Бог, зашто зборувам на други јазици повеќе од сите вас;

19. но в црква повеќе сакам да кажам пет зборови разбирливи, за да поучам и други, отколку илјадници зборови на непознат јазик.

20. Браќа, по умот немојте да бидете како деца; за злото бидете како дечиња, а по умот зрели.

21. Во Законот е напишано: „На други јазици и со друга уста ќе му зборувам на овој народ, но и така нема да Ме пос­лу­ша, вели Господ.“

22. Затоа јазиците не се знак за оние што поверувале, туку за оние што не поверувале; пророкувањата, пак, не се за оние што не веруваат, туку за оние што веруваат.

Прочитајте целосна глава 1 Коринтјаните 14