Нов Завет

Римјаните 9:21-33 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

21. Зар грнчарот нема право од иста смеса глина да направи еден сад за благородна, а друг за неблагородна употреба?

22. Бог има право да го излее Својот гнев и да ја покаже Својата сила, но има право и да биде долготрпелив спрема оние на кои им е гневен, луѓе кои самите се подготвиле за сопствено уништување.

23. Тој има право да ги излее богатствата на Својата слава врз оние спрема кои ја насочи Својата благонаклоност, оние што ги беше приготвил за слава.

24. Во овие вториве спаѓаме и ние, а нас не има не само од Евреите, туку и од другите народи.

25. Еве што вели Бог за тоа во книгата на пророкот Осија: “На оние што не биле Мој народ ќе им речам: ,Мој народе!‘ На оние што не биле сакани ќе им речам: ,Драги Мои!‘“

26. и „На истото место каде што им беше речено: ,Вие не сте Мој народ.‘ сега ќе бидат наречени деца на Живиот Бог.“

27. Во врска со Израел, пророкот Исаија извикуваше: „Дури и ако Израелците станат многубројни како морскиот песок, само мал број од нив ќе се спасат!

28. Господ брзо ќе ја спроведе казната што ја има изречено за Земјата!“

29. На друго место пророкот Исаија вели: „Ако Семоќниот Господ не оставеше од нас преживеани, ќе бевме целосно уништени како Содом и Гомора!“

30. Што можеме да заклучиме од ова? Иако другите народи не се трудеа да се здобијат со праведност пред Бог, добија можност за праведност и тоа преку вера.

31. Израелците, пак, се обидуваа да се здобијат со праведност преку придржување кон Мојсеевиот Закон, но не успеаја.

32. Зошто? Затоа што не се потпираа на верата, туку мислеа дека со сопствените постапки ќе можат да се здобијат со праведност. Тие се препнаа од „каменот за сопнување.“

33. Бог ги предупреди на ова преку напишаното во Светото Писмо: „Еве, во Ерусалим ќе поставам Камен од кој некои луѓе ќе се сопнат, Карпа од која ќе се соблазнат, а оние што ќе поверуваат во Него, нема да се разочараат.“

Прочитајте целосна глава Римјаните 9