Нов Завет

Римјаните 8:19-36 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

19. Се што е создадено со нетрпение го чека денот кога Бог ќе објави кои се Неговите вистински деца.

20. Се што е создадено беше потчинето под Божјото проклетство, не по своја волја, туку по Негова наредба. Затоа сите созданија се надеваат

21. дека и тие ќе бидат ослободени од стегите на смртта и распаѓањето, и ќе ја добијат славната слобода што ги очекува Божјите деца.

22. Зашто знаеме дека, се до сега, целиот свет стенка и се грчи од болка, како жена што се породува.

23. Не само светот, туку стенкаме и ние христијаните, кои го имаме Светиот Дух во нас и ги уживаме првите плодови на славата што ќе дојде. И ние во себе стенкаме, желно очекувајќи Бог да ни го даде сето она што како на Негови деца ни следува, вклучувајќи ги тука и новите тела што Бог ни ги вети.

24. Сега кога сме спасени, желно ја очекуваме таа слобода. Тоа значи дека таква слобода се уште немаме. Зошто, инаку, некој би очекувал нешто што веќе го има!?

25. Но, во очекување на она што се уште го немаме, треба трпеливо и со доверба да го очекуваме.

26. Во меѓувреме, со нас е Светиот Дух за да не придружува и да ни помага во нашите слабости. Ние не знаеме дури ни за што и како би требало да се молиме. Но Светиот Дух се застапува за нас со неискажливи воздишки.

27. А Бог знае што има во срцата на луѓето и знае што сака Светиот Дух, затоа што Тој се застапува за Божјите луѓе согласно со Божјата волја.

28. Знаеме дека се што се случува, Бог ќе го насочи така што да испадне на добро за оние што Го сакаат Бога и што се од Него повикани за свети цели.

29. Однапред познавајќи ги луѓето, Бог ги одбра Своите, со цел да ги преобрази така што ќе бидат слични на Неговиот Син, Исус, Кој е првороден за да има многу браќа и сестри.

30. А тие што ги одбра, Бог ги повика, ги оправда и ги прослави.

31. Што да кажеме на ова? Ако е Бог со нас, кој ќе биде против нас?

32. Кога Бог ни Својот Сопствен Син не Го поштеди, туку Го даде за откуп на сите нас, зар заедно со Исус нема да ни подари и се друго?

33. Кој може да подигне обвинение против оние што Бог ги одбра и ги оправда!?

34. Кој може да не осуди нас, Божјите избраници? Такво право и таква сила има само Исус Христос, но токму Тој умре и воскресна за нас, а и сега се зазема за нас, седејќи на почесното место, од десната страна на Бог!

35. Според тоа, може ли да има сила што ќе не одвои од Христовата љубов? Можат ли тоа да го сторат тешкотиите, маките, прогоните, гладот, немаштијата или заканите со смрт?

36. Иако во Светото Писмо е напишано: „Секојдневно се соочуваме со смртта, за Тебе, не сметаат како овци за клање“

Прочитајте целосна глава Римјаните 8