Нов Завет

Римјаните 8:13-30 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

13. Ако дозволите грешната телесна природа да ве води, ќе умрете. Но ако со помош на Божјиот Дух ги совладувате навиките на вашата грешна природа, ќе живеете.

14. Само тие што се раководат според Божјиот Дух, се Божји деца.

15. Впрочем, Духот што Го примивте не ве претвора одново во робови, па и понатаму да се плашите од Бог! Напротив, Тој Дух ве посвои и сега сте Божји деца и на Бог можете да Му се обраќате со „Аба“, што значи „Татко“.

16. Самиот Божји Дух, заедно со нашиот дух, не уверува дека ние навистина сме Божји деца.

17. Ако сме Божји деца, ние сме и Негови наследници, заедно со Христос. Се што Бог Му дава на Својот Син, Христос, е и наше. Па и ако страдаме слично како што страдаше Христос, ќе ја наследиме и славата што ја има Тој!

18. Јас мислам дека страдањата низ кои сега минуваме не можат ни да се споредат со славата што потоа ќе ни биде дадена.

19. Се што е создадено со нетрпение го чека денот кога Бог ќе објави кои се Неговите вистински деца.

20. Се што е создадено беше потчинето под Божјото проклетство, не по своја волја, туку по Негова наредба. Затоа сите созданија се надеваат

21. дека и тие ќе бидат ослободени од стегите на смртта и распаѓањето, и ќе ја добијат славната слобода што ги очекува Божјите деца.

22. Зашто знаеме дека, се до сега, целиот свет стенка и се грчи од болка, како жена што се породува.

23. Не само светот, туку стенкаме и ние христијаните, кои го имаме Светиот Дух во нас и ги уживаме првите плодови на славата што ќе дојде. И ние во себе стенкаме, желно очекувајќи Бог да ни го даде сето она што како на Негови деца ни следува, вклучувајќи ги тука и новите тела што Бог ни ги вети.

24. Сега кога сме спасени, желно ја очекуваме таа слобода. Тоа значи дека таква слобода се уште немаме. Зошто, инаку, некој би очекувал нешто што веќе го има!?

25. Но, во очекување на она што се уште го немаме, треба трпеливо и со доверба да го очекуваме.

26. Во меѓувреме, со нас е Светиот Дух за да не придружува и да ни помага во нашите слабости. Ние не знаеме дури ни за што и како би требало да се молиме. Но Светиот Дух се застапува за нас со неискажливи воздишки.

27. А Бог знае што има во срцата на луѓето и знае што сака Светиот Дух, затоа што Тој се застапува за Божјите луѓе согласно со Божјата волја.

28. Знаеме дека се што се случува, Бог ќе го насочи така што да испадне на добро за оние што Го сакаат Бога и што се од Него повикани за свети цели.

29. Однапред познавајќи ги луѓето, Бог ги одбра Своите, со цел да ги преобрази така што ќе бидат слични на Неговиот Син, Исус, Кој е првороден за да има многу браќа и сестри.

30. А тие што ги одбра, Бог ги повика, ги оправда и ги прослави.

Прочитајте целосна глава Римјаните 8