Нов Завет

Римјаните 6:4-16 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

4. Кога се крстивме, ние „умревме“ и бевме „погребани“ заедно со Исус. Па како што Христос потоа воскресна од мртвите со помош на величествената сила на небесниот Татко, така и ние, по крштавањето да зачекориме во еден нов живот.

5. Ако на ваков начин се придруживме во Христовата смрт, ќе воскреснеме и ние како што воскресна Тој.

6. Сега знаеме дека нашата стара природа беше закована на крстот и умре заедно со Исус, за да му се одземе силата на гревот во нас. Затоа ние веќе не треба да му бидеме робови на гревот.

7. Гревот не може да владее со мртов човек!

8. Значи, ако „умревме“ со Христос, веруваме дека со Него и ќе живееме.

9. Знаеме дека откако Христос беше воскреснат од мртвите, никогаш нема повторно да умре. Смртта над Него веќе нема моќ.

10. Зашто Тој умре еднаш за да го порази гревот засекогаш, а животот што сега го живее, го живее за слава на Бог.

11. Така и вие треба да сметате дека сте мртви за гревот, а заедно со Исус Христос, да живеете за слава на Бог.

12. Затоа, не дозволувајте му веќе на гревот да владее со вашето смртно тело и не покорувајте им се на неговите грешни похоти!

13. Не дозволувајте ниеден дел од вашето тело да стане орудие на неправедноста и да биде во служба на гревот. Предајте Му се на Бог, затоа што животот што сега го имате ви е подарок од Него. Секој дел од вашето тело нека стане орудие на праведноста и нека биде во служба на Бог.

14. Тогаш гревот не ќе може да владее со вас, затоа што вие веќе не сте му потчинети на Законот, кој би ве подјармил под гревот, туку сте под Божјата благонаклоност, која ве ослободи од Законот.

15. Што значи тоа? Смееме ли ние да продолжиме да грешиме, заради тоа што Божјата благонаклоност не ослободи од потчинетоста под Законот? Никако!

16. Зар не знаете дека на оној на кого ќе му се понудите да му се потчините и да му робувате, негови робови и ќе станете? Можете да му робувате на гревот, а тоа води во смрт, или да Му бидете послушни на Бог и да се здобиете со праведност.

Прочитајте целосна глава Римјаните 6