Нов Завет

Римјаните 6:13-23 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

13. Не дозволувајте ниеден дел од вашето тело да стане орудие на неправедноста и да биде во служба на гревот. Предајте Му се на Бог, затоа што животот што сега го имате ви е подарок од Него. Секој дел од вашето тело нека стане орудие на праведноста и нека биде во служба на Бог.

14. Тогаш гревот не ќе може да владее со вас, затоа што вие веќе не сте му потчинети на Законот, кој би ве подјармил под гревот, туку сте под Божјата благонаклоност, која ве ослободи од Законот.

15. Што значи тоа? Смееме ли ние да продолжиме да грешиме, заради тоа што Божјата благонаклоност не ослободи од потчинетоста под Законот? Никако!

16. Зар не знаете дека на оној на кого ќе му се понудите да му се потчините и да му робувате, негови робови и ќе станете? Можете да му робувате на гревот, а тоа води во смрт, или да Му бидете послушни на Бог и да се здобиете со праведност.

17. Благодарение на Бог, вие што му бевте робови на гревот, од се срце го прифативте новото учење што Бог ви го даде, и му станавте послушни.

18. Сега, ослободени од вашиот поранешен господар, гревот, вие и станавте робови на праведноста.

19. Ви зборувам вака преку примери со робови и господари, бидејќи вие се уште имате слабост спрема своите тела. Вие порано ги предававте вашите тела да им робуваат на гнасотии и разврат. Сега предајте и се целосно и станете и робови на праведноста, за да станете свети.

20. Кога му бевте робови на гревот, вие не водевте сметка дали тоа што го правите е праведно.

21. Каков беше исходот од тоа што го правевте? Сега се срамите од тие постапки, кои ве водеа во сигурна смрт!

22. Но откако бевте ослободени од власта на гревот и Му станавте робови на Бог, вашите постапки сега ве водат кон свето живеење, а крајниот исход за вас ќе биде добивање на вечен живот.

23. Зашто платата што ја дава гревот е смрт, а подарокот што го дава Бог преку вера во нашиот Господ Исус Христос е вечен живот.

Прочитајте целосна глава Римјаните 6