Нов Завет

Римјаните 6:1-10 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Што да кажеме на ова? Треба ли да продолжиме да грешиме, за Бог да стане уште поблагонаклонет спрема нас?

2. Никако! Ние сме веќе мртви за гревот. Како би можеле тогаш да продолжиме да живееме во грев?

3. Зар не знаете дека сите што се крстивме, идентификувајќи се така со Исус Христос, преку крштавањето „умревме“ заедно со Него?

4. Кога се крстивме, ние „умревме“ и бевме „погребани“ заедно со Исус. Па како што Христос потоа воскресна од мртвите со помош на величествената сила на небесниот Татко, така и ние, по крштавањето да зачекориме во еден нов живот.

5. Ако на ваков начин се придруживме во Христовата смрт, ќе воскреснеме и ние како што воскресна Тој.

6. Сега знаеме дека нашата стара природа беше закована на крстот и умре заедно со Исус, за да му се одземе силата на гревот во нас. Затоа ние веќе не треба да му бидеме робови на гревот.

7. Гревот не може да владее со мртов човек!

8. Значи, ако „умревме“ со Христос, веруваме дека со Него и ќе живееме.

9. Знаеме дека откако Христос беше воскреснат од мртвите, никогаш нема повторно да умре. Смртта над Него веќе нема моќ.

10. Зашто Тој умре еднаш за да го порази гревот засекогаш, а животот што сега го живее, го живее за слава на Бог.

Прочитајте целосна глава Римјаните 6