Нов Завет

Римјаните 3:19-31 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

19. А јасно е дека одредбите на Божјиот Закон се наменети за луѓето на кои им беше даден. Ниеден човек нема изговор, а врз основа на тој Закон Бог може целиот свет да го осуди.

20. Со придржување кон Законот никој не може да се здобие со праведност во Божјите очи. Преку Законот само стануваме свесни за нашата грешност.

21. Сега Бог ни покажа како можеме да се здобиеме со праведност: не преку придржување кон уредбите во Мојсеевиот Закон, туку онака како што одамна беше ветено во Светото Писмо:

22. пред Бог можеме да се здобиеме со праведност само преку вера во Исус Христос. Тоа важи за секој што верува, бидејќи меѓу луѓето нема никаква разлика,

23. зашто сите згрешија и никој не успеа да ги достигне Божјите возвишени стандарди.

24. Но поради Својата милостива благонаклоност, Бог не прогласува за праведни. Оправданието ни е подарено преку откупот што за нашите гревови го плати Исус Христос.

25. Него Бог јавно Го испрати да биде помирителна жртва за оние што со вера го прифаќаат тоа. Бог ни покажа дека беше праведен во минатото кога трпеливо преминуваше преку гревовите на луѓето за потоа да ги наплати преку жртвуваната крв на Исус Христос.

26. Бог ни покажува дека е праведен и сега кога го оправдува секој што верува во Исус. Така Неговата праведност никогаш не е доведена во прашање.

27. Има ли тука место некој од нас да се фали? Таквата можност е целосно исклучена! Според кој закон фалењето е исклучено: според оној на нашите постигнувања ли? Не, туку според законот што се темели врз верата!

28. Ние согледуваме дека човек се оправдува пред Бог преку верата, а не преку придржување кон уредбите во Законот.

29. Зар Бог им припаѓа само на Евреите? Зарем Тој не е Бог и на сите други народи? Се разбира дека е!

30. Има само еден Бог и Тој ги оправдува и обрежаните и необрезаните само врз основа на нивната вера.

31. Значи ли тоа дека ние, истакнувајќи ја верата, го поништуваме Божјиот Закон? Никако! Всушност, само ако имаме вера можеме вистински да го исполниме она што го бара Божјиот Закон.

Прочитајте целосна глава Римјаните 3