Нов Завет

Римјаните 2:13-22 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

13. Зашто не се станува праведник пред Бог само со познавање на Законот, туку со придржување кон него.

14. Кога неевреите, кои го немаат Божјиот Закон во пишана форма, инстинктивно се придржуваат кон заповедите што произлегуваат од него, тоа покажува дека длабоко во себе тие умеат да го разликуваат доброто од злото.

15. Тоа е доказ дека она што Божјиот Закон го бара е запишано во нивните срца. За нив мерило за поведението е нивната совест, која им кажува кога некоја нивна постапка е за осуда, а кога е оправдана.

16. Ќе дојде ден кога Бог, преку Исус Христос, ќе го суди она што е скриено во луѓето, како што кажува Радосната вест што јас ја проповедам.

17. Ако си Евреин, ти се потпираш на Божјиот Закон, фалејќи се со посебната поврзаност на твојот народ со Бог.

18. Ја познаваш Божјата волја и знаеш да го одбереш она што е најдобро, бидејќи си учел од Божјиот Закон.

19. Уверен си дека можеш да им бидеш водач на слепите, светло на луѓето што се загубени во мрак, не познавајќи го Бога.

20. Сметаш дека можеш да ги упатуваш неупатените и да ги учиш незрелите, уверен дека Божјиот Закон ти дал совршено познавање на вистината.

21. Но, учејќи ги другите, зошто самиот не се поучиш!? Ти што проповедаш да не се краде, дали и самиот не крадеш!?

22. Ти што други учиш да не прават прељуби, дали и самиот не правиш прељуби!? Ти што се гнасиш од идоли, дали и самиот не крадеш од храмовите?

Прочитајте целосна глава Римјаните 2