Нов Завет

Римјаните 15:8-20 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

8. Сакам да знаете дека Христос им стана слуга на Евреите за да го исполни ветувањето што Бог им го беше дал на нивните предци,

9. а исто така и сите други народи да Го прославуваат Бога заради Неговата милост, како што е напишано во Светото Писмо: „Затоа ќе Ти донесам слава меѓу нееврејските народи, ќе Му пеам славопои на Твоето име!“

10. И на друго место вели: „Радувајте се и вие што не сте Евреи, заедно со Божјиот народ, Евреите!“

11. И повторно: „Славете Го Господа сите народи, Него нека Го слават сите луѓе!“

12. А Исаија вели: „Ќе се појави потомок на Давид, ќе им стане владетел на нееврејските народи, кои својата надеж во Него ќе ја положат!“

13. Сега Бог, изворот на надежта, нека ве исполни со радост и со мир заради вашата вера во Христос, а вашата надеж нека продолжи силно да расте и да се поткрепува од силата на Светиот Дух.

14. Уверен сум, драги пријатели христијани, дека вие сте полни со добрина, дека имате солидно знаење и дека сте способни еден со друг да се поучувате.

15. Сепак, си зедов слобода да ви пишам за некои работи, за да ве потсетам. Бог ми беше благонаклонет и

16. ме зеде во служба на Исус Христос меѓу нееврејските народи, за да извршувам една света задача: ширење на Божјата Радосна вест. На тој начин Светиот Дух ќе може да направи од нееврејските народи принос што ќе биде свет и прифатлив за Бог.

17. Сега, кога сум во служба на Исус Христос, се гордеам со тоа што го работам за Бог.

18. Се осмелувам да зборувам само за она што Христос го изврши преку мене, за тоа како ме испрати да проповедам со зборови и со дела, за да се обратат и оние што не се Евреи.

19. Зборувам за тоа како Христос правеше чуда и им даваше чудотворни знаци на луѓето со силата на Светиот Дух. Им ја проповедам во целост Радосната вест за Христос, почнувајќи од Ерусалим, па се до Илирија.

20. Мојата цел е да ја проповедам Радосната вест онаму каде што се уште не слушнале за Христос, зашто не сакам да градам врз туѓ темел.

Прочитајте целосна глава Римјаните 15