Нов Завет

Римјаните 15:18-30 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

18. Се осмелувам да зборувам само за она што Христос го изврши преку мене, за тоа како ме испрати да проповедам со зборови и со дела, за да се обратат и оние што не се Евреи.

19. Зборувам за тоа како Христос правеше чуда и им даваше чудотворни знаци на луѓето со силата на Светиот Дух. Им ја проповедам во целост Радосната вест за Христос, почнувајќи од Ерусалим, па се до Илирија.

20. Мојата цел е да ја проповедам Радосната вест онаму каде што се уште не слушнале за Христос, зашто не сакам да градам врз туѓ темел.

21. Напротив, сакам да правам онака како што е напишано во Светото Писмо: „Ќе им се отворат очите на народите на кои не им беше кажувано за Господ, ќе разберат оние што за Него не беа чуле.“

22. Мојата желба да ве посетам и вас, во Рим, беше многупати одложувана токму поради тоа што проповедав по таквите земји.

23. Сега, меѓутоа, за мене повеќе нема поле за работа во овие краишта. Бидејќи веќе повеќе години имам желба да дојдам кај вас, во Рим,

24. ќе ве посетам кога ќе одам за Шпанија. Се надевам дека на поминување ќе се видам со вас и дека вие, откако барем малку ќе ви се изнарадувам, ќе ме испратите понатаму.

25. Но, пред да дојдам, прво ќе заминам за Ерусалим, за да им ги однесам доброволните прилози собрани за тамошните христијани.

26. Христијаните од Македонија и Ахаја собраа доброволни прилози за сиромашните христијани во Ерусалим.

27. Го сторија тоа од се срце. Се чувствуваа должни спрема нив. Сметаа дека, ако Евреите ги поделија духовните богатства со другите народи, ред е и тие да им помогнат со материјални добра.

28. Кога ќе ја завршам оваа работа и ќе им ги предадам собраните прилози, ќе ве посетам, а потоа ќе заминам за Шпанија.

29. Знам дека моето доаѓање кај вас ќе биде со целосен благослов од страна на Христос.

30. Драги пријатели христијани, во името на нашиот Господ Исус Христос и заради љубовта што Светиот Дух ви ја дава, ве молам да ми се придружите во борбата што ја водам со тоа што ќе Му се молите на Бог за мене.

Прочитајте целосна глава Римјаните 15