Нов Завет

Римјаните 14:14-23 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

14. Знаејќи го учењето на Господ Исус, јас сум убеден дека нема забранета храна поради верски причини. Меѓутоа, ако некој смета дека не треба да јаде извесен вид храна, тој од неа се гнаси.

15. Затоа, ако со храната што ти ја јадеш ги повредуваш чувствата на некои христијани, ти не постапуваш со љубов. Христос умре за нив. Немој поради храна да уништиш некоја душа за која Христос умре!

16. Не дозволувај предноста што ја имаш да предизвика напаѓање на христијанството!

17. Зашто, жителството во Божјото царство не е условено од она што човек го јаде и пие, туку од тоа дали живее праведен живот и дали ги има мирот и радоста што ги дава Светиот Дух.

18. Ако Му служите на Христос со таков дух, ќе му бидете по волја на Бог, а и луѓето ќе ве почитуваат.

19. Затоа, да се стремиме кон она што внесува мир меѓу христијаните и заемно не изградува.

20. Немојте заради храна да го рушите Божјото дело! Навистина, се смее да се јаде, но лошо е ако со она што го јадете предизвикувате некој да се соблазни.

21. Најдобро е да не јадете месо, да не пиете вино и да не правите ништо што може да предизвика некој од христијаните да се соблазни.

22. Тоа што го верувате во врска со овие нешта, нека остане меѓу вас и Бог. Среќен е оној што не се чувствува виновен кога прави нешто што го смета за правилно.

23. Но ако некој се колеба дали нешто смее да јаде, или не, а сепак го јаде, тој самиот себе се осудува, бидејќи не постапува со цврста увереност. Се што правите спротивно од вашето цврсто уверување е грев.

Прочитајте целосна глава Римјаните 14