Нов Завет

Римјаните 11:1-13 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Значи ли тоа дека Бог му го сврте грбот на Својот народ Израел? Никако! Не заборавајте дека и јас сум Израелец, потомок на Авраам, од родот на Бинјамин.

2. Не, Бог не му го сврте грбот на Својот народ што го одбра уште од самиот почеток. Се сеќавате ли што вели Светото Писмо за ова? Пророкот Илија му се пожали на Бог од Израелците, велејќи:

3. „Господе! Тие ги убија Твоите пророци, ги разурнаа Твоите жртвеници! Само јас останав, а и мене ме бараат за да ме убијат!“

4. Но еве што му одговори Бог на Илија: „Не си само ти! Имам уште седум илјади души што не клекнаа на колена пред кипот на богот Баал!“

5. Така е и денеска. Не застранија од Бог сите Израелци. И од нив има верни, избрани по Божја милост.

6. Тие имаат спасение бидејќи Бог им е милостиво благонаклонет, а не затоа што тие со своите постапки тоа го заслужиле. Да не беше така, милостивата благонаклоност немаше да биде тоа што е: незаслужен подарок!

7. Заклучокот е дека само мал број одбрани го добија она што сите Израелци го бараа. Останатите беа тврдоглаво непослушни,

8. За нив во Светото Писмо е напишано: „Бог ги препушти на нивното мртвило: очите да не им гледаат, ушите да не им слушаат, и такви се се до ден денешен.“

9. За истата работа зборува и Давид, кога вели: „Нивната трпеза во замка да им се претвори, мрежа во која ќе се уловат, казна што ја заслужуваат!

10. Очите нека им се помрачат, за да не гледаат и довека грбави да одат!“ Непослушноста на Израелците - можност за другите народи

11. Дали тоа значи дека Израелците отпаднаа и никогаш повеќе нема да закрепнат? Се разбира, не! Нивната грешка им овозможи на другите народи да се спасат, а во исто време кај Израелците тоа предизвика поголема ревност.

12. Ако нивната грешка му донесе толкав благослов на светот, ако нивниот намален број им донесе толкаво духовно богатство на другите народи, колку поголем благослов за светот ќе биде кога и Израелците целосно ќе го прифатат Божјиот план за спасение!?

13. Сега ви се обраќам вам, што не сте Евреи. Се додека сум ваш апостол ќе се гордеам со тоа што ми е доверена таа задача, која грижливо ја извршувам.

Прочитајте целосна глава Римјаните 11