Нов Завет

Откровение 9:8-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

8. Гривите им беа како на долгокоса жена, а забите - како заби на лав.

9. Имаа оклопи како од железо, а шумот од нивните крилја правеше бучава како армија од бојни коли што јурат во бој!

10. Имаа и опашки, со осила слични како на скорпии; со кои можеа да ги измачуваат луѓето пет месеци.

11. Тие имаа и свој цар - тоа беше ангелот на Бездната, чие име на хебрејски е Абадон, а на грчки - Аполион.

12. Првата мака помина, но еве, доаѓаат уште две!

13. Шестиот ангел затруби и чув глас што проговори од четирите рогови на златниот жртвеник, поставен пред Бог.

14. Гласот му беше упатен на шестиот ангел со труба, и му рече: „Одврзи ги четирите ангели кои се врзани покрај големата река Еуфрат!“

15. Овие четири ангели биле определени токму за овој час, ден, месец и година. Сега беа одврзани за да погубат една третина од вкупниот број жители на Земјата.

16. Го чув и бројот на нивната војска: тој изнесуваше двесте милиони коњаници!

17. Во моето видение ги видов коњите и коњаниците; околу градите коњаниците носеа огнено-црвени, темно-сини и жолти оклопи. Коњите имаа глави слични на лавовските, а од устите им излегуваа оган, дим и сулфур.

18. Една третина од жителите на Земјата загина од трите разурнувачки дејства на огнот, димот и сулфурот што излегуваа од устите на коњите.

19. Убиствената сила на коњите им беше во устите и во опашките. Опашките им беа како на змии и имаа глави со кои ги повредуваа луѓето.

20. Но луѓето што преживеаја низ сите овие страдања не се одвратија од своите злосторства, ниту пак престанаа да им се клањаат на демоните. Продолжуваа да боготворат идоли направени од злато, од сребро, од бронза, од камен или од дрво - идоли што ниту гледаат, ниту слушаат, ниту пак се движат.

21. Не престанаа ни со убиствата, ни со гатањата, ни со блудството, ниту пак со крадењето.

Прочитајте целосна глава Откровение 9