Нов Завет

Откровение 3:14-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

14. „До гласникот на црквата во Лаодикеја напиши го следново: Ова ви го порачува Тој што е Амин, Верниот Сведок на вистината, Зачетникот на Божјите созданија:

15. Вашите дела ми се познати! Вие не сте ни студени ни жешки! Барем да бевте или студени или жешки!

16. Вака, бидејќи не сте ни жешки ни студени, туку сте млаки - ќе ве изблујам од Мојата уста!

17. Вие велите: ,Богати сме, си имаме напластено големи богатства и ништо не ни треба!‘ Но вие не сте свесни дека сте за жалење: мизерни, бедни, слепи и голи!

18. Ве советувам од Мене да си купите злато во оган пречистено, та да се збогатите; и бели облеки, за да си ја покриете голотијата; и маст за очите, за да прогледате!

19. Јас ги укорувам и ги дисциплинирам сите што ги љубам. Затоа, бидете решителни и покајте се!

20. Еве, Јас стојам пред вратата и тропам. Ако некој Ме чуе и Ми отвори, Јас ќе влезам во неговиот дом и ќе вечераме заедно, како пријатели.

21. Оние што ќе излезат како победници, ќе седат заедно со Мене на Мојот престол, како што и Јас победив и сега заедно со Мојот небесен Татко седам на Неговиот престол.

Прочитајте целосна глава Откровение 3