Нов Завет

Откровение 3:12-22 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

12. Секој што ќе излезе како победник ќе стане столб во Храмот на Мојот Бог. Никој не ќе може да го избрка оттаму! Врз секој од нив ќе напишам дека Му припаѓа на Бог и дека е жител на Божјиот град - новиот Ерусалим, што слегува од небото, откај Мојот Бог. Тие ќе го носат на себе Моето ново име.

13. Ако имате слух, послушајте го тоа што Божјиот Дух им го порачува на црквите!“

14. „До гласникот на црквата во Лаодикеја напиши го следново: Ова ви го порачува Тој што е Амин, Верниот Сведок на вистината, Зачетникот на Божјите созданија:

15. Вашите дела ми се познати! Вие не сте ни студени ни жешки! Барем да бевте или студени или жешки!

16. Вака, бидејќи не сте ни жешки ни студени, туку сте млаки - ќе ве изблујам од Мојата уста!

17. Вие велите: ,Богати сме, си имаме напластено големи богатства и ништо не ни треба!‘ Но вие не сте свесни дека сте за жалење: мизерни, бедни, слепи и голи!

18. Ве советувам од Мене да си купите злато во оган пречистено, та да се збогатите; и бели облеки, за да си ја покриете голотијата; и маст за очите, за да прогледате!

19. Јас ги укорувам и ги дисциплинирам сите што ги љубам. Затоа, бидете решителни и покајте се!

20. Еве, Јас стојам пред вратата и тропам. Ако некој Ме чуе и Ми отвори, Јас ќе влезам во неговиот дом и ќе вечераме заедно, како пријатели.

21. Оние што ќе излезат како победници, ќе седат заедно со Мене на Мојот престол, како што и Јас победив и сега заедно со Мојот небесен Татко седам на Неговиот престол.

22. Ако имате слух, послушајте го тоа што Божјиот Дух им го порачува на црквите!“

Прочитајте целосна глава Откровение 3