Нов Завет

Откровение 3:1-9 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. До гласникот на црквата во Сард, напиши го следново: “Ова ви го порачува Оној што Го држи седумкратниот Божји Дух и седумте ѕвезди: Вашите дела Ми се познати. Иако за вас се говори како за живи, вие сте мртви!

2. Разбудете се и закрепнете го она малку што ви останало, и што е веќе на умирање! Утврдив дека тоа што го правите е далеку од совршено во очите на Мојот Бог!

3. Вратете се на учењето што ви беше предадено и што го чувте на почетокот. Држете се до него и покајте се од вашите гревови. Ако не се разбудите, ќе дојдам кај вас кога најмалку се надевате, како кога упаѓа провалник!

4. Сепак, некои од вас во Сард не си ги извалкаа облеките во грев. Тие ќе Ме придружуваат во бели облеки, бидејќи се достојни за тоа.

5. Секој што ќе излезе како победник ќе биде облечен во бели облеки; нивните имиња никогаш нема да бидат избришани од Книгата на животот. Кога нивните имиња ќе бидат читани во присуство на Мојот небесен Татко и на Неговите ангели, Јас нив јавно ќе ги признаам за Мои.

6. Ако имате слух, послушајте го тоа што Божјиот Дух им го порачува на црквите!“

7. „До гласникот на црквата во Филаделфија напиши го следново: Ова ви го порачува Светиот, Вистинитиот, Оној што ги има клучевите на Давид, Оној што отвора врати и никој не може да ги затвори, а кога ќе затвори - никој не може да отвори!

8. Вашите дела Ми се познати. Пред вас поставувам отворена врата што никој не ќе може да ја затвори! Зашто, и покрај малата сила што ја имате, вие останавте послушни на Мојата порака и не одрековте дека сте следбеници на Моето име.

9. Еве, ќе видите што ќе им направам на припадниците на сатанското собрание, тие лажговци кои тврдат дека се Божји народ, а не се. Ќе ги натерам да дојдат кај вас и да ви клекнат на колена, за да сфатат дека Мојата љубов е спрема вас!

Прочитајте целосна глава Откровение 3