Нов Завет

Откровение 21:10-22 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

10. Со духот ме пренесе на врвот од една висока планина и ми го покажа Светиот град, Ерусалим, како се спушта од небесниот Бог.

11. Градот болскотеше од Божјата слава со сјај како од скапоцен камен - светкаше како проѕирен јаспис.

12. Околу градот имаше високи и широки ѕидови, со дванаесет порти; пред секоја порта стоеше по еден ангел. На секоја порта беше напишано по едно од имињата на дванаесетте Израелови синови, односно племиња.

13. Три порти беа на источната страна, три на северната, три на јужната и три на западната страна.

14. Градските ѕидови беа поставени врз дванаесет темели; на секој темел беше напишано името на еден од дванаесетте апостоли на Јагнето.

15. Ангелот што зборуваше со мене во раката држеше метар за мерење на градот, на портите и на градските ѕидови.

16. Градот имаше изглед на коцка: должината и височината му беа еднакви. Тој го измери градот и се покажа дека градот е долг 2.220километри, а исто толку изнесуваа и неговата широчина и неговата височина.

17. Потоа ангелот, користејќи човечки мери, ги измери и ѕидовите: нивната широчина изнесуваше околу шеесет метри.

18. Ѕидовите беа изградени од јаспис, а градот - од чисто злато, кое светкаше како кристал.

19. Дванаесетте темели му беа од скапоцени камења. Првиот темел беше од јаспис, вториот од сафир, третиот од ахат, четвртиот од смарагд;

20. петтиот темел беше од оникс, шестиот од карнелијан, седмиот од хризолит, осмиот од берил, деветтиот од топаз, десеттиот од хризопраз, единаесеттиот од хијацинт и дванаесеттиот од аметист.

21. Секоја од дванаесетте порти беше од по едно зрно бисер. Улиците на градот беа од чисто злато, кое светкаше како кристал.

22. Во градот не видов храм. Семоќниот Господ Бог и Јагнето беа храм.

Прочитајте целосна глава Откровение 21