Нов Завет

Откровение 2:2-14 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

2. Познати Ми се вашите дела, труд и трпение. Знам дека не поднесувате зли луѓе. Кога некои луѓе се прикажувале за апостоли, а не биле, вие сте ги провериле и сте утврдиле дека тие се лажливци.

3. Непоколебливи и неуморни сте, иако имате претрпено многу заради Мене.

4. Но имам нешто против вас: Вие веќе немате таква љубов спрема Мене, каква што имавте на почетокот!

5. Присетете се кај бевте, а кај паднавте сега! Покајте се и постапувајте како на почетокот! Инаку, ако не се покаете, ќе дојдам кај вас и ќе ви го земам свеќникот!

6. Сепак, ова ви е добро: го мразите она што го прават николаитите, како што и Јас го мразам.

7. Ако имате слух, послушајте го тоа што Божјиот Дух им го порачува на црквите! На оние што ќе извојуваат победа, ќе им дадам да јадат од животодавното дрво што се наоѓа во Божјата градина.

8. До гласникот на црквата во Смирна, напиши го следново: Ова ви го порачува Првиот и Последниот - Оној што умре и оживе:

9. Знам за вашите страдања и сиромаштија, но вие сте богати! Знам и за навредите што ви ги нанесуваат луѓе кои себеси се сметаат за Божји народ, а не се! Тие се сатанско собрание!

10. Не плашете се од страдањата што ве очекуваат. Наскоро, Ѓаволот некои од вас ќе искуша, фрлајќи ги в затвор. Ќе страдате „десетина дена“. Останете Ми верни дури и ако ве осудат на смрт и Јас ќе ве наградам со венецот на животот!

11. Ако имате слух, послушајте го тоа што Божјиот Дух им го порачува на црквите!

12. „До гласникот на црквата во Пергам напиши го следново: Ова ви го порачува Оној што држи двострано остар меч:

13. Знам дека живеете во престолнината на Сатаната! Знам и дека цврсто се држите до верата во Моето име. Таму, во жилиштето на Сатаната, вие не се откажавте од верата во Мене ни тогаш кога од вас го зедоа Мојот верен слуга Антипа и го убија.

14. Но имам неколку забелешки против вас: меѓу вас има следбеници на учењето на Балаам. Тој беше оној што го подучи Балак да ги заведе Израелците да јадат месо жртвувано на идоли и да блудничат.

Прочитајте целосна глава Откровение 2