Нов Завет

Откровение 14:1-14 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Понатаму, во моето видение Го видов Јагнето како стои на гората Сион. Со Него стоеја 144.000луѓе кои на своите чела го носеа напишано Неговото име и името на Неговиот небесен Татко.

2. Тогаш од небото чув громогласен звук како од силен водопад. Звукот прилегаше на музика од голем број свирачи на харфи.

3. Таму, пред Божјиот престол, пред четирите живи суштества и пред старешините, стоеја 144.000души откупени од Земјата и пееја една нова песна што ја знаеја само тие.

4. Овие луѓе се духовно неопоганети, чисти како девственици и Го придружуваат Јагнето секаде каде што оди. Тие се откупени меѓу луѓето и први ќе бидат претставени пред Бог и пред Јагнето.

5. Нивните усти никогаш не изговориле лага; тие се луѓе без пороци.

6. Потоа забележав еден друг ангел кој леташе во небесните височини. Тој го носеше вечното Евангелие за да им го проповеда на луѓето од сите раси, племиња, јазици и народи на Земјата.

7. Ангелот говореше со мошне силен глас, велејќи: „Покажете страхопочит спрема Бог, зашто дојде времето Тој да им суди на сите! Поклонете Му се на Создателот на небото, на Земјата, на морињата и на водените извори!“

8. По него настапи уште еден ангел и извика: „Падна, падна големиот Вавилон - градот што со своето жестоко вино и со својот неморал ги опиваше и ги заведуваше сите народи!“

9. По вториот ангел настапи и трет ангел, кој со сиот глас викаше: „Секој што ќе му се поклони на Ѕверот и на неговата икона, и ќе прими белег на своето чело или на својата рака,

10. ќе го пие жестокото вино на Божјиот гнев, што е веќе налеано во чашата на Неговиот гнев, и ќе биде мачен во оган и запален сулфур, во присуство на светите ангели и на Јагнето!

11. Димот од нивното мачење ќе се крева во вечни векови и тие нема да имаат спокојство ни дење ни ноќе! Таква ќе им биде казната на оние што ќе му се поклонат на Ѕверот и на неговата икона и ќе го примат белегот на неговото име.

12. А Божјите луѓе се повикани на трпеливост, на послушност спрема Божјите заповеди и на вера во Исус.

13. Потоа еден глас од небото ми рече: „Запиши го ова: Благословени се оние што отсега натаму умираат со вера во Господ!“ А Духот одговори: „Да, тие ќе отпочинат од своите напори, зашто резултатите од нивниот труд ќе ја продолжат службата!“

14. Потоа во моето видение забележав еден блескаво бел облак. На него седеше Некој што личеше на Синот Човечки, со златен венец на главата и остар срп во раката.

Прочитајте целосна глава Откровение 14