Нов Завет

Откровение 11:1-9 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Потоа ми беше даден еден дрвен метар за мерење и ми беше речено: „Измери го Божјиот храм, жртвеникот и изброј ги сите богослужители во храмот!

2. А дворот околу храмот изостави го и не мери го. Тој дел им е предаден на нееврејските народи; четириесет и два месеци тие ќе газат по светиот град.

3. Потоа Јас ќе испратам двајца Мои пророци, кои облечени во траурни облеки ќе проповедаат илјада двесте и шеесет дни.

4. Овие двајца пророци се двете маслинови дрвја и двата свеќници што се наоѓаат пред Господарот на Земјата.

5. Доколку некој се обиде да им напакости, оган ќе излезе од нивните усти и ќе ги погуби нивните непријатели! На таков начин ќе биде погубен секој што ќе се обиде да им напакости.

6. Тие ќе бидат овластени да го затворат небото за да не врне дожд, за време на нивното пророкување. Ќе им биде дадена моќ да ги претвораат водите во крв и да ја казнуваат Земјата со секакви неволи, колку што пати ќе посакаат.

7. Кога двајцата пророци ќе завршат со своето проповедање, ќе се појави Ѕверот што живее во Бездната и ќе војува против нив; тој ќе ги надвие и ќе ги убие.

8. Нивните мртви тела ќе бидат изложени на плоштадот во големиот град, во кој беше распнат и нивниот Господ. Според духовната состојба во него, тој град може да се нарече „Содом“ и „Египет“.

9. Три и пол дена, луѓе од секој народ, племе, јазик и раса ќе доаѓаат да ги гледаат нивните тела и нема да дозволат телата да бидат погребани.

Прочитајте целосна глава Откровение 11