Нов Завет

Maтеј 9:27-38 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

27. Кога Исус си заминуваше оттаму, по Него идеа двајца слепи, викајќи на сиот глас: „Смилувај ни се, сине Давидов!“

28. Кога влезе во куќата, двајцата слепи Му пристапија, а Исус ги запраша: „Верувате ли дека можам да ве излекувам и да прогледате?“ Тие Му одговорија: „Да, Господе!“

29. Тогаш Тој им ги допре очите и им рече: „Нека ви биде според вашата вера!“

30. И тие наеднаш прогледаа. А Исус најстрого им забрани никому да не му кажуваат за ова.

31. Но кога тие си заминаа раширија глас за Него по целиот крај.

32. Додека тие си заминуваа, на Исус Му донесоа еден нем човек, кој беше обземен од демонски дух.

33. Штом Исус го ослободи од демонскиот дух, човекот проговори; сите се чудеа и зборуваа: „Вакво нешто досега не сме виделе во Израел!“

34. А фарисеите, пак, велеа: „Тој изгонува демони затоа што поглаварот на демоните е во Него!“

35. Исус одеше по сите градови и села и поучуваше по синагогите, ја проповедаше Радосната вест за Божјото царство и исцелуваше луѓе со секакви болести и заболувања.

36. Гледајќи го народот, душата му беше полна со сочувство, бидејќи луѓето беа збунети и беспомошни како овци без пастир.

37. Тогаш им рече на Своите ученици: „Жетвата е голема, а жетвари има малку.

38. Молете Го Господ во Чија надлежност е жетвата, да испрати повеќе жетвари да ја соберат жетвата од Неговата нива.“

Прочитајте целосна глава Maтеј 9