Нов Завет

Maтеј 7:7-20 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

7. „Молете и ќе добиете; барајте и ќе најдете; почукајте и ќе ви биде отворено,

8. бидејќи, секој што моли ќе добие; оној што бара ќе најде; на оној што чука ќе му биде отворено.

9. Има ли меѓу вас некој, кој на својот син би му дал камен, ако тој моли за леб?

10. Или да му подаде змија, ако тој моли за риба!?

11. Па, кога вие, коишто сте грешни, знаете да им давате добри подароци на своите деца колку повеќе и подобри нешта ќе добие од својот небесен Татко оној што ќе Го замоли!“

12. „Постапувајте со луѓето онака како што сакате тие да постапуваат со вас тоа е суштината на Мојсеевиот Закон и на она што го проповедаа пророците.“

13. „Влезот во Божјото царство е низ тесна врата, а мнозинството луѓе одат по широкиот и лесен пат кој води во пропаст!

14. А мала е вратата и тесен е патот што водат во вечен живот, и мал број луѓе го наоѓаат.“

15. „Чувајте се од лажни пророци; тие доаѓаат кај вас во овча кожа, но однатре се грабливи волци.

16. По нивните плодови ќе ги распознаете: трнот сигурно не раѓа грозје, ниту пак чичката раѓа смокви!

17. Секое питомо дрво раѓа питоми плодови, а секое диво дрво раѓа диви плодови.

18. Од питомото дрво не може да произлезе див плод, ниту пак од дивото дрво може да произлезе питом плод.

19. А дрвјата кои не раѓаат питоми плодови се сечат и се горат!

20. Така, значи, по нивните плодови ќе ги распознаете.“

Прочитајте целосна глава Maтеј 7