Нов Завет

Maтеј 6:3-16 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

3. А ти, кога ќе даваш милостини, твојата лева рака да не знае што дала десната;

4. нека бидат дискретни твоите милостини, а твојот небесен Татко, Кој го гледа и тоа што е тајно, ќе те награди јавно.“

5. „А кога се молите, не постапувајте како лицемерите, кои сакаат да бидат забележани од другите кога се молат по синагогите и по плоштадите. Ве уверувам дека друга награда за нив ќе нема!

6. А ти, кога ќе се молиш, влези во својата соба, затвори ја вратата и помоли Му се на твојот невидлив небесен Татко, Кој го гледа тоа што е тајно и ќе те награди јавно.

7. Кога се молите, не редете празни зборови, како што тоа го прават оние што не Го познаваат Бога, мислејќи дека ќе бидат услишани поради својата речовитост.

8. Не бидете како нив, зашто вашиот небесен Татко ги знае вашите потреби уште пред да Го молите за нив.

9. Затоа, молете се вака: ,Татко наш, Кој си на небесата: нека се почитува Твоето Име!

10. Нека дојде Твоето царство, нека се извршува Твојата волја овде на Земјата, како што се извршува на небото.

11. Дај ни ја неопходната храна за денешниот ден.

12. Прости ни ги нашите гревови, како што и ние веќе им простивме на оние што нам ни згрешија.

13. Не оставај да им потклекнеме на искушенијата, но избави ни од Лукавиот‘. (Зашто Тебе Ти припаѓаат и Царството, и силата, и славата, за вечни векови, амин.)

14. Зашто, доколку вие им ги простувате гревовите на другите, ќе ви ги прости и вам вашиот небесен Татко.

15. Но, ако вие не им простувате на луѓето, ни вашиот небесен Татко нема вам да ви ги прости вашите гревови.“

16. „И кога постите, не бидете намуртени како лицемерите; тие си го изобличуваат лицето за да забележат луѓето дека постат. Ве уверувам дека друга награда за нив ќе нема!

Прочитајте целосна глава Maтеј 6